МАДРИД (АА) – Во Шпанија, во изминатите 24 часа како последица на Ковид-19 починаа 143 лица, со што вкупниот број на смртни случаи од вирусот во земјата се зголеми на 26.621, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство ги ажурираше последните бројки за Ковид-19.
Вчера во Шпанија од коронавирусот починаа 179 лица, а во последните 24 часа бројката на смртни случаи е намалена на 143.
Се забележува дека ова е најмала бројка на починати од Ковид-19, од 18 март.
Од вирусот во земјата починаа вкупно 26.621 лице.
Според изработените PCR-тестови, во последните 24 часа во Шпанија се регистрирани 621 новозаразен, со што вкупниот број на лица позитивни на Ковид-19 изнесува 224.390.
Од друга страна, бројот на лица што оздравеле, а претходно биле позитивни на тестот за Ковид-19, во последните 24 часа е над 2.000, со што бројот на вкупно оздравени се искачи на 133.166.
Во последните 24 часа во Мадрид се регистрирани 46 смртни случаи, а вкупно досега има 8.644 починати. Подрачјето на главниот град е најтешко погодена област во Шпанија од пандемијата на Ковид-19. За 132 лица зголемен е и бројот на лица што се на болничко лекување, со што е достигната бројка од 41.559.
- Половина од Шпанија утре влегува во втората фаза од нормализацијата -
Во меѓувреме, половина од Шпанија од утре влегува во втората фаза на нормализација наречена „ниво 1“ како дел од календарот за постепено нормализирање, поставен од Владата за ублажување на економските и социјалните влијанија од Ковид-19 во земјата.
Премиерот Педро Санчез вчера на прес-конференција рече: „51 процент од населението ќе се врати на одреден дел од нивните нормални животи, но никогаш не треба да се заборави дека вирусот не исчезна, сè уште се крие. Сакам тие што поминуваат во втората фаза да бидат многу претпазливи.“
Во Шпанија, вонредната состојба поради Ковид-19, којашто беше прогласена на 14 март, е продолжена четири пати, а ќе истече на 24 мај.