Bahattin Gönültaş
10 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
БЕРЛИН (АА) - Новиот тип коронавирус Ковид-19 е детектиран кај еден вработен во Европската централна банка (ЕЦБ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение што го објави ЕЦБ се вели дека кај еден вработен е детектиран Ковид-19 и дека тој започнал да ја прима соодветната медицинска помош, информирајќи дека за 100-те вработени во ЕЦБ, кои биле на блиско растојание со споменатото лице, како превентивна мерка е одлучено привремено да работат од дома.
Во соопштението се наведува дека ЕЦБ, со цел да се спречи натамошното проширување на вирусот, презела превентивни мерки со кои се ограничени патувањата, зголемен е изборот за работа од дома, откажани се конференциите и состаноците или се презакажани за друг датум.
ЕЦБ информираше дека вчера успешно бил тестиран системот за работа од далечина, со цел поголемиот дел од 3.500 вработени да можат да работат од дома.
Во меѓувреме, „Дојче банк“, една од позначајните банки во Германија, поради епидемијата на коронавирусот ја откажа прославата по повод 150-годишнината од нејзиното формирање, што требаше да се одржи во Берлин.
Поради епидемијата на Ковид-19, во Германија е откажана и „Конференцијата за дијалог за обнова на енергија 2020“, што од 23 до 27 март требаше да се одржи во Берлин.