Bayram Altuğ
26 Јуни 2020•Ажурирај: 27 Јуни 2020
ЖЕНЕВА
Обединетите нации (ОН) предупредија дека 12,4 милиони цивили во Авганистан се соочуваат со акутна несигурност во снабдувањето со храна поради оружените судири, високите цени на храната и пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на Светската програма за храна при ОН (WFP), Елизабет Бирс, на неделната прес-конференција во Женева изјави дека прехранбената криза во Авганистан достигнала алармантно ниво.
„Пандемијата на Ковид-19 во Авганистан се претвори од здравствена во прехранбена криза и преживување. Социоекономските последици на вирусот ги погодуваат најзагрозените заедници, како во градските така и во руралните подрачја“, изјави Бирс.
Таа нагласи дека на луѓето во Авганистан итно им е потребно да обезбедат помош во храна.
„Во втората половина на 2020 година на Светската програма за храна при ОН ѝ е потребно да обезбеди фонд од 53 милиони долари за на населението на Авганистан да му се пружи хуманитарна помош, со цел спасување на луѓето“, изјави Бирс.
Портпаролката на Меѓународниот фонд за деца при ОН (УНИЦЕФ), Марикси Меркадо, изјави, исто така, дека многу деца во таа земја страдаат од неухранетост.
„Нашите најнови податоци покажуваат дека бројот на децата помлади од пет години кои страдаат од неухранетост, опасна за живот, се зголемил од 690.000 во јануари на 780.000 во мај. Порастот од 13 отсто во овој краток период е многу загрижувачки“, изјави Меркадо.
Таа истакна дека децата кои се соочуваат со акутна несигурност во снабдувањето со храна се особено подложни на разни заболувања, поради што им е потребно да им се обезбеди посебен медицински третман.
Таа додаде дека се длабоко загрижени дека моменталната хуманитарна криза во Авганистан би можела додатно да се влоши.