Muhammed Emin Canik,Nuri Aydın
01 Јули 2020•Ажурирај: 01 Јули 2020
БУЕНОС АИРЕС
Во Бразил, која е една од земјите најпогодени од пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), во последните 24 часа животот го загубија 1.280 заразени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Бразил објави дека во Бразил починале уште 1.280 лица заразени со Ковид-19, со што вкупната бројка на смртни случаи во оваа земја се зголеми на 59.594, додека вкупниот број на лица позитивни на тестот на коронавирусот изнесува 1.402.041, од кои 33.846 се детектирани во последните 24 часа.
- Во Рио де Жанеиро над 10.000 починати
Во државата Сао Паоло со приближно 46 милиони население, која претставува центар на трговијата во Бразил, регистрирани се 238.380 лица позитивни на коронавирусот и 14.763 смртни случаи предизвикани од заразеност со Ковид-19. Ова е „подрачје најпогодено од пандемијата на новиот тип коронавирус во Бразил“.
По Сао Паоло следува државата Рио де Жанеиро во која бројот на смртни случаи предизвикани од заразеност со Ковид-19 надмина 10.000.
Во државата Рио де Жанеиро со популација од над 16 милиони жители, Ковид-19 е причина за смртта на 10.080 заразени, при што досега коронавирусот е детектиран кај 112.611 лица.
Институтот за географија и статистика на Бразил претходно имаше објавено дека во мај 4,2 милиони лица имале симптоми на губење на вкус, мирис, имале кашлица и висока температура, налик на симптомите на Ковид-19.
Бразил со население од над 211 милиони жители се опишува како „епицентар на пандемијата“ во Латинска Америка.
- Во Мексико забележани 226.089 случаи позитивни на вирусот
Министерството за здравство на Мексико соопшти дека во последните 24 часа од последици предизвикани од заразеност со Ковид-19 починале 648 лица, со што вкупниот број на смртни случаи во земјата се зголеми на 27.769.
Во истиот период детектирани се 5.432 лица позитивни на коронавирусот, со што вкупниот број на лица кај кои е забележан Ковид-19 се искачи на 226.089.
Во Мексико за првпат бројот на смртни случаи на дневно ниво ја мина границата од 500 на 27 мај.
Првиот случај на Ковид-19 во Мексико е регистриран на 28 февруари, а на 19 март е забележан првиот смртен случај.
- Во Индија 17.400 починати од Ковид-19
Министерството за здравство на Индија објави дека во последното деноноќие се регистрирани 507 смртни случаи како последица на заразеност со коронавирусот, со што вкупниот број на смртни случаи се искачи на 17.400.
Во истиот период во Индија се детектирани 18.653 лица позитивни на Ковид-19, со што вкупната бројка на заразени ја зголемија на 585.493. Во оваа земја оздравеа 347.978 лица заразени со коронавирусот.
Според податоците објавени на интернет-страницата „Worldometer“, на која секојдневно се ажурираат податоците поврзани со новиот тип коронавирус во светот, Индија е четврта земја во светот според бројката на заразени и смртни случаи.