АНКАРА
Сердар Месуд Хан, претседател на територијата Азад Џаму и Кашмир, која е под контрола на Пакистан, истакна дека доколку не започне политички и дипломатски процес за прашањето за Кашмир, тензиите во регионот би можеле да преминат во нуклеарна војна, и дека висока цена ќе платат и регионот и светот. Тој упати апел до меѓународната заедница за поддршка во изнаоѓањето трајно, конечно и праведно решение.
Претседателот Хан, како гостин на Турција ја посети Агенција Анадолија во Анкара, каде што зборуваше за неодамнешните случувања околу спорниот регион меѓу Индија и Пакистан.
Хан, упатувајќи повик до меѓународната заедница за изнаоѓање трајно, конечно и праведно решение за прашањето околу Кашмир, рече: „Доколку во регионот започне конвенционална војна и таа ескалира во нуклеарен конфликт, тогаш нејзините последици нема да бидат ограничени само на јужноазискиот регион.“
Хан потсети дека индиската Влада, под водство на премиерот Нарендра Моди, на 4 август направи измени во Уставот со кои е отстранет автономниот статус на Џаму и Кашмир и воведе мерки за ограничена комуникација во подрачјето, со кои е зголемен притисокот врз народот од тоа подрачје. Истакна дека регионот со тоа повторно станал дел од светската агенда и додаде дека администрацијата од Њу Делхи со овој чекор „ја официјализирала окупацијата на регионот“.
- „Индија нема право“
Наведувајќи дека Индија нема право да го укине специјалниот статус на еден дел од спорната област која ја држи под окупација, Хан рече: „Индија со сигурност нема право да ги преземе овие чекори. Индија со измените на членот 370 и точката А од членот 35 од сопствениот Устав сака да го отстрани специјалниот статус на Џаму и Кашмир, но вистината е дека тоа подрачје всушност нема специјален статус. Тоа е спорно подрачје, територија која се наоѓа под окупација.“
- „Нарушено е сојузништвото меѓу проиндиската администрација и индиската елита“
Хан нагласи дека од прогласувањето на независноста на Индија и Пакистан во 1947 година, администрацијата од Њу Делхи, со барање или наложувајќи им на раководителите на тоа подрачје кое имаше статус на независно кнежевство, ѝ ја одзеде автономијата на таа територија, и додаде:
„Во 1947 година Индија за првпат го принуди [принцот] Кашмир Махараја да потпише лажен документ за пристап. Потоа, тогашниот премиер Пандит Чевахирвал Нехру ја доби поддршката на најпопуларниот лидер на Кашмир, шеикот Мохамед Абдула. Тогаш на виделина излезе сојузништвото меѓу проиндиската Влада и индиската елита. Денес тоа сојузништво е нарушено. Всушност, реалноста за народот на Џаму и Кашмир е дека тој е под окупација 72 години“, рече Хан.
- „Индија ја официјализираше окупацијата“
Хан изјави дека Индија ја користи автономијата со цел пред меѓународната јавност да ја официјализира окупацијата. „Индија веќе ја официјализираше окупацијата. Претходно го доведе светот во заблуда велејќи дека државата Џаму и Кашмир е автономна. Сега од сопствениот Устав ги повлече сите привилегии што им беа дадени на Кашмирците“, рече Хан.
Од друга страна, Хан посочи на притисоците што индиската централна администрација ги спроведува врз народот на Џаму и Кашмир, додавајќи дека се прекршуваат човековите права во регионот, силувањата и сексуалната злоупотреба се користат како воени средства, се киднапираат деца од нивните семејства и се притвораат, незаконски се населува индиска популација во регионот и се спроведува етничко чистење на муслиманската популација со цел таа во Кашмир да се прикаже како малцинство.
- „Заканата од нуклеарна војна не е уцена“
На прашањето какво е неговото мислење околу изјавите на некои кругови дека предупредувањата од Пакистан дека тензиите во регионот претставуваат закана која би можела да доведе до нуклеарна војна, ги гледаат како „нуклеарна уцена“, претседателот Хан одговори: „Заканата од нуклерана војна не е уцена. Ние ја кажуваме реалноста од теренот. Се обидуваме да го информираме светот за сериозноста од развојот на настаните и заканувачките изјави што доаѓаат од индиската страна, но за жал, овие закани доаѓаат од поддржувачи на војната во индискиот Кабинет, а и индискиот премиер е еден од нив.“
Хан, посочувајќи дека сите напори на Пакистан се да се информира меѓународната заедница за намерите на Индија, истакна: „Ако меѓународната заедница не интервенира и не иницира политички и дипломатски процес или процеси, тогаш населението на Азад Кашмир и народот на Пакистан ќе треба да се борат за да ја заштитат сопствената земја и својот народ.“
- „Резултатите нема да останат ограничени само на подрачјето од Јужна Азија“
„Ова е постоечка закана. Тоа е она што ние го зборуваме. Ние велиме дека доколку во регионот започне конвенционална војна и таа ескалира во нуклеарен конфликт, тогаш нејзините последици нема да бидат ограничени само на јужноазискиот регион“, истакна Хан.
- Укинувањето на специјалниот статус на Џаму и Кашмир
Територијата на Џаму и Кашмир по повеќе од половина век ја загуби автономијата и беше поделена на два дела откако Индија на 5 август го отповика членот 370.
Целата територија на 31 октомври официјално е поделена на две подрачја, на Џаму и Кашмир и на Ладак, врзани за централната индиска власт.
По оваа одлука индиските безбедносни сили ги интензивираа операциите за јавен ред во Џаму и Кашмир, зголемувајќи го притисокот врз народот и ги приведоа сите раководители и членови на политичките партии од целиот регион.
Од добивањето на независност од Британија од 1947 година досега, Џаму и Кашмир имаше привилегиран статус со кој можеше да донесува сопствени закони.