Ömer Faruk Yıldız
16 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
ЖЕНЕВА (АА) ‒ Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека BA.2, една од подваријантите на Омикрон на Ковид-19, е доминантна во 10 земји, сочинувајќи го најголемиот дел од случаите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во неделниот извештај за ажурирање во врска со Ковид-19 објавен на веб-страницата на организацијата, ревидирана е најновата ситуација во врска со глобалните случаи на варијантата Омикрон на Ковид-19 и неговите подваријанти.
Според извештајот, помеѓу 7 и 13 февруари забележано е намалување на глобалната стапка на раст на случаите на Ковид-19 за 19 отсто во однос на претходната недела, додека стапките на смртност не се промениле во однос на претходната недела.
Во последната недела, во светот се регистрирани околу 16.000.000 нови случаи на Ковид-19, а како последица на вирусот починале скоро 75.000 луѓе.
Најголемо намалување на случаите е забележано во регионот на Југоисточна Азија, каде што стапката на пораст минатата недела беше за 37 отсто помала од претходната недела.
Во истиот опсег, забележано е намалување од 32 отсто во Америка, 30 отсто во Африка, 16 отсто во Европа и 12 отсто во регионот на Источниот Медитеран.
‒ Подваријантата BA.2 е најзастапена во Југоисточна Азија -
Во извештајот, исто така, се нагласува дека BA.2, една од подваријантите на Омикрон на Ковид-19, е доминантна во глобалниот раст на случаите на Ковид-19.
Според податоците собрани од Глобалната иницијатива за споделување податоци за грипот (GISAID), подваријантата BA.2 сочинува повеќе од половина од случаите на Омикрон во Бангладеш, Брунеи, Кина, Данска, Гуам, Индија, Црна Гора, Непал, Пакистан и Филипини.
Подваријантата на Омикрон, BA.2, најмногу се шири во регионот на Југоисточна Азија и сочинува 44,7 проценти од вкупните случаи на Омикрон, додека ширењето на BA.2 во регионот на Америка е околу 1 процент.
Меѓу другото, во извештајот се наведува дека има ограничени податоци за тоа дали BA.2 се шири побрзо од Омикрон. Исто така, се додава дека сѐ уште не е познато во колкава мера оваа подваријанта влијае на човековото тело.