СЗО предупредува на глобален раст на случаи на КОВИД-19
„Податоците од нашиот систем за надзор низ 84 земји покажуваат дека процентот на позитивни тестови за САРС-КоВ-2 е во пораст веќе неколку недели.“
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) денес соопшти дека циркулацијата на КОВИД-19 се зголемува во сите земји, а забележан е „алармантен пад“ на покриеноста со вакцини, јавува Анадолу.
„Вирусот циркулира во сите земји“, рече Марија Ван Керхове, директорка на СЗО за подготвеност и превенција за епидемии и пандемии, на брифингот за новинарите во Обединетите нации во Женева.
„Податоците од нашиот систем за надзор низ 84 земји покажуваат дека процентот на позитивни тестови за САРС-КоВ-2 е во пораст веќе неколку недели.“
Севкупно, позитивноста на тестот е над 10%, но тоа флуктуира по региони, рече Керхове, додавајќи дека процентот на позитивност во Европа е над 20%.
Надзорот укажува на тоа дека циркулацијата на вирусот е од 2 до 20 пати поголема од она што во моментов се пријавува, рече таа и предупреди: „Ова е значајно бидејќи вирусот продолжува да еволуира и да се менува, а тоа сите нè става во ризик од потенцијално посериозен вирус што би можел да ја избегне нашата детекција и/или нашите медицински интервенции, вклучително и вакцинацијата.“
„Таква висока циркулација не е ‘типична’ за респираторните вируси што имаат тенденција на зголемување на циркулацијата во постудените месеци“, рече таа, истакнувајќи дека во последниве месеци, без оглед на годишното време, многу земји доживеаја бранови на КОВИД-19.
Таа додаде дека дури и на Олимпијадата во моментов најмалку 40 спортисти досега биле позитивни.
Овие бранови, кои резултираа со зголемување на хоспитализацијата и смртните случаи во многу земји, треба да се спречат, рече таа.
- Пад на вакцинацијата -
Керхове им препорача на сите земји да размислат за коадминистрирање на вакцините за КОВИД-19 со вакцините против сезонскиот грип поради падот на вакцинацијата против КОВИД.
„Во текот на последниве две години забележавме алармантен пад на вакцинацијата, особено кај здравствените работници и луѓето над 60 години, две од најзагрозените групи“, рече таа. „Ова итно треба да се поправи.“
Таа ги потсети луѓето од најризичните групи на препораките на СЗО да примат вакцина против КОВИД-19 во рок од 12 месеци од последната примена доза.
Исто така, таа ги повика владите да продолжат да инвестираат и да го поддржуваат глобалното сфаќање на циркулацијата и влијанието на вирусот и на своето население да му обезбедат можност да се заштити, како и да се грижат за луѓето што страдаат од акутните и долгорочните ефекти на КОВИД-19, вклучително и состојбите по КОВИД.
„СЗО ги повикува земјите да продолжат да ја зголемуваат својата подготвеност, претпазливост и системите за одговор на пандемијата на кои работеа толку напорно за време на КОВИД, да бидат подготвени за бранови на КОВИД-19, како и други патогени што повторно се појавуваат, како што се птичјиот грип H5N1, мајмунските сипаници, денгата“, порача таа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.