Ekipa
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакнa дека заканата од Ковид-19 претставува невидена криза, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние досега заедно надминавме многу кризи, ќе ја надминеме и кризата со новиот вид коронавирус“, порача Столтенберг.
Тој одржа виртуелна прес-конференција на која го објави Годишниот извештај на НАТО за 2019 година.
Потсетувајќи за преземените чекори во 2019 година, Столтенберг во исто време направи и проценки за пандемијата од коронавирусот Ковид-19.
- „Ковид-19 е невидена криза, досега немало слична на неа“ -
„Заканата од Ковид-19 претставува невидена криза, досега немало слична на неа. Но, ние досега заедно надминавме многу кризи, ќе ја надминеме и кризата со новиот вид коронавирус“, истакна Столтенберг.
Нагласувајќи дека сојузниците на НАТО презеле строги мерки во борбата против Ковид-19, кои ќе имаат социјални и економски импликации, Столтенберг рече дека Сојузот уште од првата фаза презема мерки за да го спречи ширењето на вирусот и да ги заштити цивилите, војската и персоналот.
„Како и во сите критични институции, НАТО води урамнотежена политика за да ја обезбеди сигурноста и да ја одржи својата функција“, нагласи Столтенберг.
Посочи дека дејствувањето заедно и во солидарност е поважно од кога било. „НАТО силно е решен да ја обезбеди сигурноста на своите 1 милијарда граѓани“, додаде генералниот секретар на НАТО.
- „Нема конечна одлука за состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО“
Столтенберг, истакнувајќи дека Ковид-19 ќе има сериозни економски последици и дека тоа ќе влијае на буџетите на земјите членки, наведе дека инвестициите во одбраната истовремено позитивно придонесуваат во секторот на граѓанското здравство.
Потсетувајќи дека некои вежби се откажани или суспендирани поради Ковид-19, Столтенберг соопшти дека бројот на војници во Авганистан, што моментално изнесува 16.000, ќе биде намален на 12.000.
Од друга страна, истакнувајќи дека нема конечна одлука за состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, што треба да се одржи на почетокот на април, Столтенберг рече дека проценката на заканата од Ковид-19 се разгледува секој ден.
- „Ние разгледуваме што можеме повеќе да сториме за Турција“
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, истакна дека Турција како сојузник на НАТО е најмногу погодена од конфликтот во Сирија.
Тој, наведувајќи дека Турција е изложена на многу терористички напади, рече дека по нападот во Идлиб разгледуваат што можат повеќе да сторат за Турција.
Истакнувајќи дека НАТО продолжува да обезбедува поддршка за Турција, Столтенберг како пример го покажа „зајакнувањето на воздушната одбрана“.