Şenhan Bolelli,Gamze Türkoğlu Oğuz
19 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
АНКАРА
Бројот на луѓе во Шпанија што починаа поради новиот вид коронавирус Ковид-19 се зголеми на 767, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Фернандо Симон, директорот на Центарот за координација на итни здравствени услуги и препораки при Министерството за здравство на Шпанија, истакна дека во последните 24 часа, 169 луѓе ги загубиле своите животи поради Ковид-19, а регистрирани се 3.500 нови случаи.
Симон нагласи дека во Шпанија поради вирусот досега 767 лица ги загубиле своите животи, додека бројот на заболени се зголемил на 17.147.
Забележано е дека од вирусот најмногу е погоден главниот град Мадрид, каде што починале 498 лица, а има вкупно 6.777 случаи.
Тој, исто така, нагласи дека низ целата земја 939 пациенти се наоѓаат на интензивна нега.
- „Материјалите за кои се вели дека пристигнале се чуваат на царина“
Во меѓувреме, во јавноста се дебатира за проблемот со здравствените материјали и за старечкиот дом во Мадрид, каде што починаа 50 стари лица.
„Ние со минималните можности што ги имаме се обидуваме да обезбедиме здравствени услуги. Во последните 48 часа не пристигнаа маски или ракавици. Материјалите за кои се вели дека пристигнале се чуваат на царина“, нагласи Изабел Дијаз Ајузо, автономен претседател на Мадрид.
Ајузо исто така наведе дека имаат потреба од 13 милиони маски, 7 илјади кутии ракавици, 60 илјади заштитни очила, 64 илјади парчиња водоотпорна медицинска облека, 254 илјади наметки, 315 монитори и 586 респиратори.
- За првпат во земјата од Ковид-19 почина медицински работник
Денес од новиот вид коронавирус почина 52-годишна медицинска сестра од баскискиот регион. За првпат во земјата од Ковид-19 почина медицински работник.
Според бројките што ги објави Министерството за здравство на Португалија, бројот на смртни случаи од Ковид-19 во земјата се зголеми за 1 и сега изнесува вкупно 3 лица. Бројот на случаи исто така се зголемил од 143 на 785.