Faruk Zorlu
22 Декември 2020•Ажурирај: 23 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турција ги изолира патниците што пристигнуваат од Велика Британија, Данска, Холандија и Јужна Африка, дури и доколку имаат негативен тест за Ковид-19, истакна денес турскиот министер за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вкупно 335 пристигнати патници, кои влегоа во нашата земја од Велика Британија, Данска, Холандија, Јужна Африка, претходната ноќ поминаа низ медицински прегледи. Дури и ако се негативни на тестот за Ковид-19, сите патници беа изолирани“, напиша Фахретин Коџа на Твитер.
Тој додаде дека сите пристигнати патници од Велика Британија во Турција од 14 декември се идентификувани, а 4.603 патници се во изолација во своите места на престој.
Турција доцна во неделата им се придружи на другите европски земји во забраната на летовите од Велика Британија и други земји, поради стравувањето за новиот брз сој на коронавирусот.
Овој потег уследи откако неколку европски земји - меѓу кои и Франција, Германија, Италија и Австрија - објавија дека ги суспендираат летовите од Велика Британија поради вестите за новиот сој на вирусот.
Светската здравствена организација (СЗО), исто така, побара од европските земји двојно да ги зајакнат своите здравствени мерки поради новиот сој кој брзо се шири.