Aysu Biçer
22 Декември 2020•Ажурирај: 23 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот гигант во одбранбената индустрија „Аселсан“ соопшти дека развил иновативен систем за дијагностицирање на вируси, што исто така може да се користи и при откривање на коронавирусот.
Според информациите до кои дојде Агенција Анадолија (АА), со појавата на епидемијата на Ковид-19, Центарот за истражувања на Аселсан започнал студија за развој на уредот, со познавањата стекнати во рамките на истражувањата во врска со откривањето на хемиските и биолошките закани при откривањето на коронавирусот.

Врз основа на дигитално откривање базирано на антитела, системот врши детекција преку оптички метод со помош на леќи. Примероците земени од пациентите се инкубираат на касети за еднократна употреба. Касетата што го содржи примерокот земен од пациентот се анализира со софтвер со вештачка интелигенција и се пријавува резултатот.
Системот има за цел да открива вируси кои покажуваат симптоми на инфекции во горниот респираторен тракт, како што се Ковид-19 и инфлуенца, истовремено на една касета. За време на тестирањето на системот спроведени се студии со антигени, неактивни и активни вируси и добиени се успешни резултати.
Има за цел да се постигне 99% точност на тестот за системот за дијагностицирање на вирусот, кој е во фаза на одобрување од страна на етичкиот комитет за тестирање во болнички услови.

Студиите со примероци на пациенти ќе започнат наскоро, а Аселсан поднесе апликации за патент за клучните компоненти на системот.
- Воведување во болниците -
Според Дидем Лале Озкан, водечка инженерка од Одделот за програми за истражување на биоодбраната на Аселсан, пандемијата откри дека се потребни домашни решенија во областа на здравството што е можно поскоро.

Таа посочи дека компанијата се фокусирала на системот за дијагностицирање на вируси со своето познавање за откривање во однос на хемиските, биолошките, радиолошките и нуклеарните закани.
„Развивме домашен и национален систем со работата на нашите инженери. Го детектираме вирусот Ковид-19 со овој систем базиран на микроелектронска оптика“, рече Озкан и додаде дека по завршувањето на клиничките тестови во болниците, ќе започне процесот на производство на апаратот, кој потоа ќе го заземе своето место во болниците.