ЛОНДОН
- Хасан ЕСЕН
Новата мутација на коронавирусот, откриена во Велика Британија, за која се смета дека 70 отсто побрзо се шири од досегашната варијанта, предизвика паника откако многу држави се одлучија да воведат забрана за патувањата со таа земја, пишува Агенција Анадолија (АА).
Првото детално истражување за новата варијанта на коронавирусот е завршено на 11 декември. Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, изјави дека новата варијанта на коронавирусот, наречена „VUI-202012/01“, е регистрирана во септември и е надвор од контрола.
Стапката на трансмисија на оваа варијанта од вирусот остана многу ниска сè до средината на ноември, но порастот на новозаразените со оваа мутација на вирусот е откриен откако е направена опсежна анализа за случајот на недоволниот пад на бројот на случаи во градот Кент, а подоцна е утврдено дека оваа варијанта на вирусот се проширила во Лондон и Есекс.
- Новата варијанта на коронавирусот се шири брзо
Патрик Валанс, главниот советник за наука во британската Влада, изјави дека оваа варијанта на вирусот се шири брзо и станува доминантен вид.
Најновите податоци покажуваат дека 43 отсто од новите случаи на заразување во југоисточна Велика Британија се предизвикани токму од овој вид коронавирус. Утврдено е дека стапката на заразување со новата варијанта изнесувала 59 отсто на источниот дел на земјата и 62 отсто во Лондон. Меѓутоа, новата варијанта на коронавирусот не е ограничена само на овие места, туку се прошири низ целата земја.
Новата верзија откриена во Велика Британија открива повеќе мутации на „шилестиот“ протеин (spike protein) на коронавирусот. Иако сè уште не е утврдено дека оваа промена влијае на брзината на ширењето на вирусот, новонастанатата ситуација предизвика сериозна загриженост дека мутацијата би можела поразлично да реагира на постоечките вакцини.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, изјави дека откриле оти новата варијанта на коронавирусот се шири 70 отсто побргу, но дека немаат податоци за тоа дали е посмртоносна.
Министерството за здравство, исто така, објави дека сè уште не постојат докази за тоа дека е поголема веројатноста оти новата мутација ќе предизвика посериозни болести или смрт.
„Меѓутоа продолжуваме да ги истражуваме случаите на заразување за многу подобро да разбереме. Ќе мораме ситуацијата континуирано да ја следиме во текот на наредните недели“, се наведува во соопштението и се додава дека не постојат докази оти вакцината на „Фајзер“ нема да може да ги заштити луѓето од новата варијанта на коронавирусот, за што моментално се спроведуваат повеќе лабораториски студии.
Федерико Џиорџи од Универзитетот во Болоња за порталот „Science Daily“ истакна дека вирусот сега се наоѓа на оптимално ниво да ги инфицира луѓето.
„Тоа сепак значи дека третманите што ги развиваме, вклучувајќи ги вакцините, би можеле да бидат ефикасни против сите видови на вирусот“, изјави Џиорџи.
- Коронавирусот мутирал и претходно
Иако новонастанатата ситуација предизвика зголемена загриженост, познато е дека коронавирусот и претходно мутирал. Досега се утврдени најмалку седум главни групи на заболувања со Ковид-19. Изворниот вид, регистриран во Вухан, Кина, во декември минатата година, е познат како група Л, а на почетокот на 2020 година се развија групите „С“, „В“ и „Г“.
Иако групата „Г“ најчесто е забележана во Европа и Северна Америка, овој вид брзо се ширеше и подоцна доживеа мутации наречени „ГР“, „ГХ“ и „ГВ“. Во меѓувреме, изворната група „Л“ подолго преживеа во непроменет облик во Азија, благодарение на брзото воведување мерки. Неколку други мутации се сместени во групата „О“.
Од друга страна, данските официјални претставници соопштија дека уште еден тип на вирусот е откриен кај 12 луѓе кои минатиот месец работеле на фарми на визони. Промената во „шилестиот“ протеин (spike protein) предизвика сериозен страв дека би можело да се намали ефикасноста на вакцините, и затоа Владата на Данска се одлучи да усмрти 17 милиони визони.
- Многу земји веќе започнаа да ги затвораат границите со Велика Британија
Иако сè уште нема прецизни податоци дека новата варијанта на коронавирусот е посмртоносна или дека вакцините ќе ги направи неефикасни, многу земји веќе започнаа да ги затвораат границите со Велика Британија и да го прекинуваат сообраќајот со таа земја.
Министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, изјави дека одлучиле привремено да ги запрат летовите од Велика Британија, Данска, Холандија и Јужноафриканската Република со Турција. Коџа, исто така, изјави дека во рамките на мерките предизвикани поради мутациите на вирусот во Велика Британија, сите патници кои моментално патуваат мора да се тестираат и да останат во карантин.
Многу европски земји започнаа исто така да ги запираат железничките услуги, како и воздушниот, копнениот и поморскиот превоз.
- Летовите за Париз се запрени
Железничката компанија „Евростар“ соопшти дека возовите на линиите Лондон - Брисел и Лондон - Амстердам денес се откажани, а подоцна е објавено дека и летовите за Париз ќе бидат запрени. По овие одлуки, забележан е голем метеж на Меѓународната железничка станица „Сент Панкрас“, од каде што тргаат возовите од Велика Британија за Холандија, Белгија и Франција. Постои можност дека некои патници, кои не сакале да ги пропуштат последните линии, се обиделе да влезат во возовите, менувајќи ги деновите за заминување што претходно ги резервирале.
Франција, Германија, Италија, Белгија, Бугарија, Австрија, Финска и Холандија соопштија дека ќе ги запрат летовите со Велика Британија. Чешка, исто така, најави дека ќе примени строги мерки на карантин за луѓето што доаѓаат од Велика Британија.
Забраната на летовите, што ја донесе Холандија, стапи на сила во неделата изутрина и ќе трае сè до крајот на оваа година. Белгискиот премиер, Александер Де Кро, изјави дека вовеле забрана за летовите за наредните 24 часа од неделата на полноќ.
Италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, во неделата објави дека донеле одлука со која се запрени летовите од Велика Британија, со што им се оневозможува на лицата кои престојувале во таа земја во последните 14 дена да влезат во Италија, а таа одлука ќе важи сè до 6 јануари. Австриската Влада сè уште не објави кога ќе стапи на сила одлуката за забрана на летовите. Германските официјални претставници соопштија дека ќе ги запрат летовите од Велика Британија од неделата на полноќ и дека забраната ќе трае до 31 декември.
Францускиот премиер, Жан Кастекс, изјави дека таа земја ќе го запре воздушниот, патниот и поморскиот превоз со Велика Британија на 48 часа веќе од полноќ. Ирската Влада, исто така, објави дека вовела 48-часовна забрана за летовите од Велика Британија. Кувајт и Саудиска Арабија исто така воведоа забрана на патувањата, со тоа што се очекува дека листата на земјите кои воведуваат забрана за патувањата од Велика Британија и понатаму да расте.
- Ќе се намали транспортот на британската стока кон континентална Европа
Во меѓувреме, службениците на пристаништето „Довер“ изјавија дека поради одлуката на Франција, камионите нема да можат да ја напуштат Велика Британија во наредните 48 часа. Иако превозот од Франција во Велика Британија ќе биде дозволен, постои страв дека возачите сепак нема да патуваат за да не заглават во Велика Британија.
Граничните ограничувања секако значат дека ќе се намали транспортот на британската стока, вклучувајќи ја и храната во континетална Европа.
Ијан Рајт, извршниот директор на Федерацијата за храна и пијалаци (FDF), предупреди дека британската Влада мора итно да ја убеди француската Влада да ги изземе возачите на камиони од одлуката за забрана за патување.
„Запирањето на товарниот промет од Велика Британија во Франција би можело да резултира со сериозни проблеми и намалување во снабдувањето со свежа храна и извоз на храна и пијалаци за време на Божиќ“, изјави Рајт.
- Џонсон свика итен состанок на Владата
Британскиот премиер, Борис Џонсон, одлучи дека ќе одржи итен состанок на Владата за да разговара за одлуките за забраната на патувањата и забраната за поаѓање на камионите, истакнувајќи дека ќе бидат одржани уште некои состаноци за да се обезбеди спроведување ефикасни мерки и планови.
Европската Унија (ЕУ), исто така, објави дека денес ќе одржи кризен состанок на кој ќе се разговара за новонастанатата ситуација.
news_share_descriptionsubscription_contact
