Gözde Bayar
23 Април 2020•Ажурирај: 24 Април 2020
РАМАЛА
Турција го прифати повикот на Палестина за медицинска и финансиска помош во борбата против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на палестинската дипломатија, Ријад ал Малики, соопшти дека властите на Турција за време на вчерашната вонредна министерска седница на Организацијата за исламска соработка (OIC), најавиле испраќање помош на Палестина.
Тој изјави дека Турција помошта ќе ја испрати на Министерството за здравство на Палестина и тоа во вид на сетови за тестирање на Ковид-19, маски и друга заштитна опрема.
„Ал Малики се заблагодари на неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу и на турската Влада за помошта“, се додава во соопштението на министерот.
Министрите за надворешни работи на ОИС вчера преку видеоконференција одржаа вонредна седница за борбата против пандемијата на Ковид-19. Седницата е одржана на иницијатива на Турција, а учесниците дискутираа за можната соработка во борбата против ширењето на Ковид-19.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на заразата кон Европа и САД.
Во светот се регистрирани над 2,6 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот изнесува над 183.000. Бројот на излекувани лица од вирусот изнесува над 711.000.