Şenhan Bolelli
23 Април 2020•Ажурирај: 24 Април 2020
МАДРИД
Во Шпанија во изминатите 24 часа од последиците на Ковид-19 починаа 440 лица, со што вкупниот број на починати се зголеми на 22.157, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Министерството за здравство на Шпанија е соопштено дека во истиот период се забележани 4.635 нови случаи на заразување и дека вкупниот број на заразени се зголемил на 213.024.
Во изминатите 24 часа е потврдено заразување и кај 1.202 здравствени работници, со што вкупниот број на заразени здравствени работници се зголеми на 34.355.
Во Шпанија досега од Ковид-19 се излекувани повеќе од 88.000 лица.
Жариштето на вирусот во Шпанија сè уште е Мадрид, каде што се заразени 59.199, а починаа 7.684 лица.
Мадридските власти претходно изјавија дека државното Министерство не дава вистински податоци и дека бројот на починати во Мадрид надминал 14.000.
Во Мадрид денес е организирана програма по повод сеќавање на жртвите од Ковид-19.
Ни каталонските власти не се согласуваат со податоците што ги изнесува државното Министерство за здравство.
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, истакна дека се бележат само оние случаи кои се потврдени со тестирањето и дека никогаш нема да се знае вистината кога станува збор за бројот на починати од Ковид-19.
Министерот за здравство на Шпанија, Салвадор Иља, на прес-конференцијата изјави дека Шпанија сè уште се наоѓа во тешка ситуација.
„Вонредната состојба е продолжена за уште 15 дена. Откако ќе победиме во борбата против Ковид-19, ќе работиме на обновување на здравствениот систем. Моментално сме фокусирани на пандемијата“, изјави Иља.
Шпанските власти ја продолжија вонредната ситуација до 9 мај, а соопштено е дека од наредната недела на децата до 14 години ќе им биде дозволено излегување со придружба на родителите, под услов да не се оддалечуваат повеќе од еден километар од својот дом.