БЕРЛИН (АА) - Директорoт и коосновач на германската компанија за биотехнологија „БajoНТех“, проф. д-р Угур Шахин, изјави дека е многу среќен што и со Турција постигнале договор за испорака на вакцината против Ковид-19, што ја развија во соработка со компанијата „Фајзер“.
„Овој договор многу нè радува. Турција е земјата во којашто сум роден, тоа е нашата татковина. Таму е нашето срце. Многу сме среќни што сме во можност да им помогнеме и на луѓето во Турција“, рече д-р Шахин за Агенција Анадолија (АА).
Тој истакна дека во првата фаза до крајот на оваа година во Турција ќе бидат испорачани 550.000 дози вакцини.
„На крајот од оваа година дозите ќе пристигнат во Турција. Планираме да испратиме 30 милиони вакцини до крајот на 2021 година. До крајот на март планирана е испорака на околу 4,5 милиони дози. Сакаме праведно да ги распоредиме вакцините. Ако сè биде како што треба, со божја помош до крајот на 2021 година на Турција ќе треба да ѝ испорачаме 30 милиони дози“, рече Шахин, додавајќи дека сакаат да ѝ достават на Турција уште повеќе вакцини доколку пристигне нарачка од таа земја.
- Распоредување на дозите од вакцината за повеќе од 80 земји -
„Во соработка со Фајзер следната година сакаме да произведеме повеќе од милијарда дози. Мора да ги распоредиме тие дози во повеќе од 80 земји. Сакаме еден дел од тие вакцини да испратиме и во Турција“, рече тој.
Тој особено му се заблагодари на турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, за постигнувањето договор за испорака на вакцините, и ја објасни клаузулата за ограничена одговорност во договорот.
„Сите договори ги склучуваме според истите правила што се исти насекаде во Европа, САД и Јапонија. Прашањето за ограничена одговорност се однесува на тоа колку нашата компанија ќе учествува во однос на трошоците. Во принцип, ги имаме истите правила на договарање. Во овие околности можеме да преземеме само делумна финансиска одговорност. Овде станува збор, на пример, за гаранцијата дека компанијата нема да банкротира во случај на започнување судска постапка. Затоа, мора да поставиме ограничување“, објасни експертот.
- Анализите покажаа дека вакцината е многу ефикасна -
Шахин, исто така, потсети дека истражувањата и анализите веќе покажале дека нивната вакцина е многу ефикасна.
„Произведовме безбедна вакцина за луѓето. Но, тоа не значи дека против нас некој не може да поднесе тужба. Затоа ни се потребни одредени ограничувања за да ја заштитиме компанијата“, рече Шахин.
Напомена дека досега се вакцинирани 1,5 милиони луѓе со вакцините произведени од нивната компанија, додавајќи дека се забележани некои нуспојави, како главоболки, болки во рацете, замор и понекогаш температура, но дека тие престанувале за еден или два дена.
„Алергијата исто така може многу ретко да биде нуспојава на вакцината. Алергиите можат да се појават во првите 30 минути. Затоа, потребно е да се биде со здравствени работници 30 минути по вакцинацијата. Тоа можеби е најважната нуспојава. Може да се појави кај еден од 50.000 луѓе“, рече Шахин и додаде дека оваа зима ќе биде тешка за секоја земја.
- Следното лето ќе се намали бројот на заразени -
„Нашите вакцини не се во можност да ги намалат инфекциите во зима. Луѓето мора да бидат дисциплинирани. Мора да се заштитат. Мора да ги штитат другите. Сега нашата вакцина ќе им биде дадена на постарите лица и на здравствените работници. Нив можеме да ги заштитиме. Следното лето бројот на инфекции ќе се намали бидејќи инфекцијата на коронавирусот се намалува во текот на летото. Треба да се вакцинираат 70 отсто од луѓето. Ако го постигнеме тоа, тогаш можеме да се вратиме во нормален живот пред следната зима. Важно е сега да бидеме дисциплинирани“, рече експертот.
Даде свој коментар и за вакцините против Ковид-19 што ги произведува Кина.
„Утврдено е дека и вакцината од Кина исто така е ефикасна. Мислам дека нејзината ефикасност е околу 85, 86 отсто. Ова се смета за добра и ефикасна вакцина. Не треба да се прави проблем околу тоа, било да е тоа вакцина од Кина, вакцина на БајоНТех или вакцина на друга земја. Кинезите исто така направија детални анализи и клинички испитувања на оваа вакцина. Сите вакцини што ги видов досега добро делуваат и можат да помогнат“, нагласи Шахин.
- Сакаат да вложуваат во Турција -
Шахин, исто така, рече дека во наредниот период сакаат да вложуваат и во Турција.
„За првпат ги испорачуваме нашите производи и во Турција. Сакаме во Турција да правиме истражувања. Во преговори сме со Советот за научни и технолошки истражувања на Турција. Почнавме да работиме со професори на неколку турски универзитети. Исто така, во Турција сакаме да отвориме едно од претставништвата на БајоНТех. Во Турција сакаме да спроведуваме истражувања за оваа вакцина, но исто така и за ракот. Со божја помош следното лето во Турција ќе започнеме со клинички испитувања за карцином. Кога ситуацијата ќе се нормализира во 2021 година, сакаме во различни места во Турција да отвориме канцеларии на БајоНТех и да се занимаваме со истражување и развој. Сакаме да соработуваме со турските универзитети и компании. Можеби еден, два или три проекти во првата година, а ако бидеме успешни, можеме да го зголемиме бројот“, рече Шахин.
Напоменувајќи дека сака вакцината да ја испорача и до сиромашните земји, истакна дека вакцината им е потребна на сите.
„Кога го започнавме овој проект, имавме намера да испраќаме вакцини во сите земји. Затоа започнавме соработка со две компании. Фајзер има капацитет за испорака и дистрибуција на вакцини насекаде во светот. Ние исто така соработувавме и со компанијата Фосун за да ја доставиме нашата вакцина во Кина. Имаме намера да ја испратиме вакцината каде и да е потребно“, посочува директорот на „БајоНТех“.
Потсети дека денес во Германија започнува вакцинацијата против коронавирусот.
„Тоа нè прави особено среќни. Вакцинацијата ќе се одвива во земјата каде што работиме, каде што пораснавме и каде што се занимаваме со наука“, рече овој еминентен научник.
- До крајот на идната година планираат да дистрибуираат 1,3 милијарди дози -
Шахин напомена дека до крајот на идната година планираат да дистрибуираат околу 1,3 милијарди дози вакцини, додавајќи дека тоа секако не е доволно за целиот свет.
„Тоа не е баш едноставна работа. Вакцината се развива на сложен начин. Повторно ќе започнеме да соработуваме со некои компании“, додаде Шахин, и истакна дека сè до летните месеци ќе продолжат да работат напорно и интензивно.
„Чувствуваме одговорност да им доставиме на луѓето доволно дози на вакцини. Нема одмор до летото. Ако ситуацијата во светот биде подобра, и ние ќе се чувствуваме подобро. Дотогаш ќе работиме. Јас сум човек кој сака да работи. Никогаш не ми е тешко да работам. Со успехот доаѓа и среќата и енергијата. Затоа не се чувствувам уморен.“
На крајот тој апелираше до луѓето и понатаму да се однесуваат дисциплинирано и да ги почитуваат мерките, напоменувајќи дека постои можност до крајот на следното лето да се врати нормалниот живот.