24 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
ПАРИЗ
Од последиците на заразувањето со коронавирусот (Ковид-19) во Франција во изминатите 24 часа починаа уште 389 лица, со што бројката на смртните случаи во таа земја е зголемена на 22.245, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на Заводот за здравство при Министерството за здравство на Фрацнија Жером Саламон на дневното претставување на епидемиолошката слика соопшти дека во изминатите 24 часа се откриени 2.887 нови случаи на заразување, со што вкупната бројка на заразени лица во таа земја е зголемена на 187.708.
Во Франција од заразувањето со Ковид-19 се излекувани 43.493 заболени лица, вклучувајќи и 1.464 излекувани лица во изминатиот ден.
Саломон рече дека во болниците ширум Франција се наоѓаат 28.658 лица заболени од Ковид-19, вклучувајќи и 4.870 пациенти на одделенијата за интензивна нега.
Тој рече дека веќе 16 дена опаѓа бројката на пациентите на болничките одделенија за интензивна нега.
„Во Франција дневно за коронавирусот се тестираат во просек 40.000 лица", рече Саломон и додаде дека во изминатите пет дена дошло до намалување на бројот на смртните случаи во таа земја.