Şenhan Bolelli
28 Март 2020•Ажурирај: 29 Март 2020
МАДРИД (АА) - Шпанската Влада донесе одлука за забрана за отпуштања од работните места поради коронавирусот сè додека не запре здравствената криза во земјата која е тешко погодена од глобалната пандемија, како и многу други земји, јавува Агенција Анадолија (AA).
Шпанската министерка за труд, Јоланда Дијаз, изјави дека никој не смее да ја искористи кризата како можност за отпуштање на работниците од работа.
„Привремените договори не можат да бидат откажани поради ситуацијата со коронавирусот. Договорите остануваат сè додека не заврши здравствената криза“, рече Дијаз.
Портпаролката на Владата, Марија Хесус Монтеро, изјави дека одлуката за забрана за отпуштање поради ситуацијата со Ковид-19 стапила во сила во петокот.
Синдикатите на работниците во Шпанија претходно предупредија дека поради влошената економска состојба предизвикана од коронавирусот во земјата само во март без работа би можеле да останат околу еден милион работници, и ја повикаа Владата итно да преземе неопходни мерки за заштита на работниците.
По оваа одлука, шпанската полиција ги враќаше странските возила кои сакаа да влезат во земјата од Франција, на граничниот премин во градот Ирун.
Во Шпанија досега од коронавирусот починаа 5.138 луѓе, додека бројот на заразени надмина 65.000.