Miki Trajkovski
18 Ноември 2017•Ажурирај: 19 Ноември 2017
ОХРИД (АА) – Мики Трајковски - Џез музичарот Владимир Василевски Четкар кој повеќе од две децении живее и работи во САД важи за еден од најпознатите уметници со потекло од Македонија во светски рамки кој одржал стотици настапи во различни земји од светот.
Четкар, којшто по потекло е од градот Охрид, уште во 1996 година заминува за САД, каде студира на Беркли музичкиот колеџ во Бостон. Потоа и се посветува на џез музиката и на градење интернационална кариера, со учество на голем број на џез фестивали и клубови низ Европа, Америка, а последните години и во Азија со своја авторска музика која ја создава целиот овој период.
Карактеристично за него е тоа што во неговата музика преовладува таканречен џез соул и фанк жанр.
Во разговорот за Anadolu Agency (AA) џез музичарот Четкар зборува за неговите концерти, искуства со колегите од различни земји од светот, за љубовта кон музиката како и за влијанието на музиката во животот на луѓето.
Четкар во моментот се подготвува за неговата Азиска турнеја во декември и за турнеја низ САД на почетокот на наредната година во месец февруари.
„Сега ќе сум во Источна Азија во Тајланд, Камбоџа, Хонг Конг.Потоа имам настапи низ неколку американски држави како во Њујорк, така и во Детроит, Чикаго, Квиндленд,Торонто,Бостон. Сега фокусот ми е САД и Азија каде доста честопати ме викаат да настапувам“, истакнува Четкар.

- Настапи на џез фестивали во регионот
Од земјите во регионот, Четкар вели дека освен во Македонија, најмногу е присутен во Србија. Во разговорот тој се присетува дека настапувал на интернационалниот џез фестивал „Нишвил” кој се одржува во српскиот град Ниш.Исто така имал свои настапи и во Белград.
Вели дека во блиска иднина очекува да се претстави и во останатите балкански држави.
- Трет студиски албум
Четкар во моментот работи на својот трет студиски албум, за кој што неодамна беше промовиран и првиот сингл „Travel the world” кој што е сниман на повеќе локации во Охрид.
На албумот работи во Њујорк и во Њу Џерси во Соединетите Американски Држави и како што истакнува предвидено е на него да има и неколку ремикси на кои ќе работат и дел од најпознатите светски продуценти меѓу кои го нведува Димитри Фрон Парис.
- Над 200 настапи во повеќе од 25 земји
Џез музичарот Четкар раскажува и дека досега одржал повеќе од 200 концерти во повеќе од 25 држави во светот, не земајки ги во предвид неговите настапи низ Македонија. Во неговиот роден град Охрид вели дека настапува редовно со неколку концерти годишно.
Во разговорот за АА Четкар порачува дека музиката е „единствената работа во светот која ги обединува луѓето."