Oktaj Omeragikj
24 Март 2025•Ажурирано: 25 Март 2025
Голема група луѓе, главно од индиско потекло, се собраа на свеченостите што се одржуваа на различни места во Њујорк, САД, по повод Фестивалот „Холи“, кој го симболизира доаѓањето на пролетта во индиската култура.
На свеченостите што се одржуваа во Менхетен и Бруклин, учесниците се забавуваа фрлајќи еден на друг обоен прав.
- Фестивал „Холи“
Холи или Фагва е древен религиозен хинду фестивал, кој потекнува од Индија. Тој се слави како фестивал на боите, љубовта и пролетта. Фестивалот претставува празнување на вечната и божествена љубов на божествата Рада и Кришна, а исто така ја означува победата на доброто над злото, бидејќи ја одбележува победата на Вишну како Нарасима над Хирањакашипу, демонскиот крал од хиндуистичката митологија.
Фестивалот „Холи“ е познат како „Цветен фестивал“, „Фестивал на боите“ или „Фестивал на љубовта“. Го слави доаѓањето на пролетта, крајот на зимата, раѓањето на нови љубови, а за многу луѓе е ден за игра и смеа, за стекнување нови познанства, за простување и заборавање. Фестивалот го слави и почетокот на добра пролетна жетва и плодна година. Се одржува на последниот ден на полна месечина од годината во хинду календарот, во текот на месецот Фалгуна, кој е последниот месец од годината.
Фестивалот трае една ноќ и еден ден. Почнува вечерта на „Денот на полна месечина“, кога се палат огнови за да се избркаат злите духови, додека главната прослава се одржува преку ден.