17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
ЊУЈОРК (АА) - Слика на мексиканската уметница Фрида Кало продадена е за рекордни 34,9 милиони американски долари во аукциската куќа „Сотби“ во Њујорк, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Станува збор за највисоката цена некогаш платена на аукција за некое латиноамериканско дело“, објави „Би-би-си“ (BBC).
Рекордот претходно го држеше делото на Диего Ривера, со кого Фрида беше во повеќедецениска емотивна врска. Неговата слика е продадена за 9,76 милиони долари во 2018 година.
Делото „Диего и јас“ е едно од нејзините последни автопортрети. На него е нејзиниот животен сопатник, Диего Ривера, како трето око во нејзината глава.
Аукциската куќа „Сотби“, на аукцијата во вторникот, делото го опиша како едно од нејзините најважни дела кое некогаш стигнало на аукција. Купувачот на автопортретот е Едвардо Ф. Косантини, кој го основал музејот во Аргентина, наведува „Њујорк тајмс“ (New York Times).
Сликата последен пат е продадена на аукција во 1990 година за 1,4 милиони долари.
Кало, која се смета за една од најголемите сликарки на 20 век, е позната по своите автопортрети кои ја изразуваат болката и изолацијата.
Живееше од 1907 до 1954 година и со својата уметност гордо ја промовираше автохтоната мексиканска култура.