Furkan Abdula
13 Јануари 2020•Ажурирај: 15 Јануари 2020
ВЕВЧАНИ
По повод Новата година според стариот, Јулијански календар, во Општина Вевчани официјално беше отворена традиционалната манифестација „Вевчански карневал“, што се смета за еден од најголемите уникатни и културни куриозитети во Северна Македонија и пошироко, со над 1.400-годишна традиција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вевчанскиот карневал, кој се одржува по повод Новата година според стариот календар, е познат како провокативна манифестација во чии рамки се претставуваат разни маски и персонификации.
ВЕВЧАНИ (АА) - По повод Новата година според стариот, Јулијански календар, во Општина Вевчани официјално беше отворена традиционалната манифестација „Вевчански карневал“, што се смета за еден од најголемите уникатни и културни куриозитети во Северна Македонија и пошироко, со над 1.400-годишна традиција ( Furkan Abdula - Агенција Анадолија )
Градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски, во изјавата за АА истакна дека Вевчанскиот карневал постои повеќе од 14 века и има долга традиција.
„Имаме доста голем број посетители, така и од странство. Ова е некоја симбиоза на пагански обичаи, испреплетени со христијански обичаи. Карневалот е чисто паганска работа. Меѓутоа, се погодил на преминот од старата во новата година по стариот календар и така се слави“, рече Јанкоски.
Тој нагласи дека карневалот започна вчера со изложби, кулинарски настани и концерти, додека денес се одржува дефилето на василичарите.
„Тука ќе продефилираат, после тоа ги посетуваат буквално сите домови на вевчанци, за да вечерта околу 2-3 по полноќ се сретнат баш на ова место групите од Горно и Долно Маало, односно зетот и невестата“, истакна Јанкоски и додаде:
„Зетот и невестата претставуваат симбол на плодноста. Одат да наполнат вода на Вевчанските Извори, да речам света вода, со која ги замесуваат традиционалните вевчански специјалитети, губа, виткалник, каде што ставаат паричка за среќа. Кај народот постои верување дека кој ќе ја пронајде таа паричка, ќе има среќа идната година.“
Според него, карневалот завршува утрешниот ден попладне, со традиционалното оро што го играат василичарите и со традиционалното палење на маските за да се избрка злиот дух од Вевчани.
Тој рече дека со завршувањето на карневалот на 14 јануари, започнуваат подготовките за овој карневал за идната година. Карневалот започна со дефиле на маскирани групи луѓе од Горно и од Долно Маало во селото, кои преку своите маски пренесоа пораки, како и критики за настаните од 2019 година во земјата, регионот и пошироко.
Со цел на критичен и сатиричен начин да ги претстават настаните од минатата година, учесниците носеа маски што го симболизираа патот на Северна Македонија кон НАТО и ЕУ, демонстрациите на „Жолтите елеци“ во Франција, а не изостанаа и маски на кои беа претставени државни функционери, како и многу други личности и настани од различни сфери.
Карневалот ќе заврши утре со традиционалното палење на маските, со што се верува дека нивните сопственици се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.
Инаку, Вевчанскиот карневал е стар повеќе од 1.400 години и негува одредени специфични обичаи. „Зетот“ и „Невестата“ се главните ликови-маски кои се задолжени ноќта меѓу 13 и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари, што се наменети за донации.
Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некој од наредните карневали.
„Вевчанскиот карневал“ е манифестација која преку различни маски и персонификации, со критичен и сатиричен осврт пренесува пораки за настаните што се случија во текот на претходната година во земјата, регионот, но и во светот.