Furkan Abdula
13 Јануари 2023•Ажурирај: 16 Јануари 2023
ВЕВЧАНИ (АА) - По повод Новата година според стариот јулијански календар, во Општина Вевчани официјално се отвори традиционалната манифестација „Вевчански карневал“, кој се смета за еден од најголемите уникатни културни куриозитети во Северна Македонија и пошироко, со традиција долга над 1.400 години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вевчанскиот карневал, кој се одржува по повод Новата година според стариот календар, е познат по тоа што на сатиричен начин, преку разни маски и персонификации, ги претставува настаните од јавниот и политичкиот живот.
Градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, во изјава за медиумите рече: „Посакувам многу забава, и дружење. Знаете, по кој знае кој пат се одржува и годинава Вевчанскиот карневал. Два дена Вевчани е театар на отворено. Ќе има многу забава, многу хумор, многу сатира. Едноставно човек треба само да се опушти, да ужива и да си замине од Вевчани со желба да нè посети наредната година пак.“
Карневалот започна со дефиле на маскирани групи луѓе од горното и долното маало на селото, кои преку своите маски пренесоа пораки на сатиричен начин, како и критики за настаните од 2022 година во земјата, регионот и пошироко.
Карневалот ќе заврши утре со традиционалното палење на маските, со што се верува дека нивните сопственици се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.
Инаку, Вевчанскиот карневал е стар повеќе од 1.400 години и негува одредени специфични обичаи. „Зетот“ и „Невестата“ се главните ликови-маски кои се задолжени ноќта меѓу 13 и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари, кои се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некој од наредните карневали.