Admir Fazlagic
01 Март 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележувањето на Денот на независноста на Босна и Херцеговина, Бошњачката културна заедница во Република Македонија организираше пригодна свеченост, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на одбележувањето, во Културно-информативниот центар во Скопје беше прикажана документарна програма за улогата на првиот претседател на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, во создавањето на независноста на БиХ, а потоа беше отворена и изложба на пет ликовни уметници од Сараево и од Нови Пазар.
Џемил Бектовиќ, претседател на Бошњачката културна заедница (БКЗ) во Македонија, во изјава за медиумите рече дека преку оваа културна програма е најсоодветен начин, Бошњаците во Македонија, како и останатите граѓани да се потсетат на денот на независноста на БиХ.
„Ние предвидовме два документарни програми, едниот кој говори конкретно за самата хронологија за настаните околку референдумот и прогласувањето на незавосноста, а од друга страна сакавме да ја истакнеме улогата на првиот претседател на БиХ Алија Изетбеговиќ", рече Бектовиќ.
Според неговите зборови, Алија Изетбеговиќ, не бил само државник, туку и интелектуалец, кој напишал многу книги и личност која за многумина и ден денеска е инспирација.

Во рамките на манифестацијата, беше отворена изложбата на графики од Денис Фејзиќ од Сараево, како и изложба на слики и графики од Мирза Жупљанин, Азра Хамзагиќ, Асмир Хусовиќ и Сумеја Беќовиќ од Нови Пазар.
„Изложбата е логичен след на концептот кој го замисливме да претставиме 5 бошњачки автори, еден од Сараево и 4 од Нови Пазар, тоа се автори кои имаат неверојатен опус, она што е клучно што тие нудат квалитет и разноликост во својот ликовен дискурс", додаде Бектовиќ.
За делата на уметниците чија изложба беше отворена во просториите на Културно-информативниот центар говореше и Фехим Хусковиќ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Денот на независноста на Босна и Херцеговина е национален празник во оваа држава, кој од 1992 година се одбележува на први март, а со кој се одбележува независноста на БиХ од Социјалистичката федеративна Република Југославија.