Edıta Zekjırovıc
28 Мај 2022•Ажурирај: 28 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Здружението на џез-музичари и слободни уметници за прв пат се одржа јавна дебата на тема „Џезот како алатка за културен и интелектуален просперитет на македонското општество“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Учесници на дебатата беа Гоце Стевковски, претседател на Здружението на џез-музичари во Северна Македонија, Владимир Темков, еден од организаторите на „Џез-фестивалот“ во Кавадарци, Сашо Поповски, еден од организаторите на фестивалот „Џез-фактори“ во Битола, Џихан Емин, композитор и музичар на ЗЏМ Биг Бенд, Тони Китановски, музичар и декан на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, и Владан Дробицки, организатор на „Крај Вардарот џез“.
Гоце Стевковски, претседателот на Здружението на џез-музичари, истакна дека во Северна Македонија има прекрасни џез-музичари со светски кариери, џез-музичари кои свират, творат и издаваат албуми, меѓутоа тоа што недостасува е поголема поддршка на институциите кон музичарите, места и прилика каде ќе можат музичарите кои снимаат и работат да настапат.
„Ако не се потхранува тоа, ако не се негува, тоа едноставно ќе изумре. Ќе се изгубиме во времето и во просторот, ќе се изгуби интерес за „џезот“ и ќе се доведе во прашање дали ќе се појават нови генерации коишто би можеле да направат исчекор и да творат“, вели Стевковски, претседател на Здружението.
Тој истакна дека и џез-фестивалите се сè помалку поддржани од културните институции, а тоа го спречува нивниот понатамошен раст во идни независни фестивали кои имаат потенцијал да ја претстават Северна Македонија на меѓународната сцена.
„Секогаш кога имаме концерти публиката реагира фантастично и мислам дека се желни за повеќе креативни настани, каде што ќе можат да слушнат нешто ново, нешто што не се слуша секој ден. Голем апел до Министерството за култура и до Градот Скопје и до сите други релевантни институции, потребни се само мал број на средства за да може оваа културна елита да функционира малку подобро“, рече Џихан Емин, композитор и музичар на ЗЏМ Биг Бенд, еден од учесниците на дебатата.
Стевковски, претседателот на Здружението, нагласи дека иако џез-музичарите се имаат стекнато со високо образование, тие се приморани да вршат работи надвор од нивната примарна дејност за да обезбедат здравствено осигурување.
„Би било добро да бидат поотворени за соработка (институциите) со џез-музичарите и преку овие дебати да стигнеме до некаков заеднички заклучок и да направиме тој систем малку подобро да профункционира. Не се работи само за пари, тука се и центри за култура, тука имате сали, тука имате домови за култура“, рече Стевковски, претседател на Здружението на џез-музичарите.