Ivana Ramadanova
18 Октомври 2016•Ажурирај: 19 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Центарот за слобода „ЦИВИЛ“ денеска во Скопје одржа дебата на темата „Жените во политиката“, јавува Anadolu Agency (AA).
Учесничките на панел-дебатата имаа можност да зборуваат за оцените поврзани со тоа дали жените вклучени во политиката реално ја остваруваат својата улога или само се борат за квоти, без ефектот којшто е клучен и за кој сите се залагаат.
Марија Савоска од „Акција здруженска“, вели дека оваа тема се обидува да ја пренесе на јавно артикулирано влијание врз процесите во општеството.
„Перцепцијата на политичкиот ангажман на жената доведува до тоа фокусот на проблемите на жените да се пренесе кон оние жени што се дел од политиката. Потребно е партиите да се трансформираат на начин кој ќе обезбеди да не треба воопшто да зборуваме на темата“, смета Савоска.
Според активистката Ана Василева од независната иницијатива „Бори се женски“, би било добро да се направи истражување со кое ќе се потврди дека жените во партиите ги вршат споредните работи, додавајќи дека е потребна потполна еднаквост на жените во политиката.
Професорката Катерина Колозова смета дека со оглед на тоа што има помалку од еден век од кога жените имаат право на глас, времето е прекратко за да се зборува за полна еднаквост.
„Неофицијалната култура продолжува да биде патријархална. Дури и кога ги гледаме жените од позиција на моќ, тоа е манир на послушна ќерка, сопруга, односно конструктивна женскост во нешто што е во основа машка битка, машки терен, а тоа е политиката“, вели Колозова.
На дебатата, преку видеоизјави, свое мислење за местото на жените во политиката дадоа и претставнички од повеќе политички партии во Македонија.
Дебатата е дел од активностите на „Карванот на слободата“, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности, во над 40 општини низ целата земја, вклучувајќи концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии коишто опфаќаат различни културни и општествени прашања важни за граѓаните.