ИСТАНБУЛ (АА) - ХАНИФЕ СЕВИН -
Ковачот-скулптор Зафер Ердем, кој себеси се претставува како „мајстор на подвижни скулптури“, за 1,5 месец изработи скулптура на џиновски пиштол од марката „Magnum 357“, со должина од 3 метри и тежина од 100 килограми. Ердем сака да извади лиценца за изработениот џиновски пиштол.
Зафер Ердем (42) потекнува од столарско семејство од турскиот град Ризе. Тој, давајќи му форма на железото, веќе 18 години изработува подвижни скулптури.

Во ателјето за Галактички индустриски дизајн и кинетичка скулптура во Бејкоз, Ердем има изработено тениски рекет со должина од 5 метри, дрво (од железо), маса, метална шапка, чанта и коњска глава. Планира да изработи жироскоп и ветерна роза.
Овој автор, кој себеси се претставува како „мајстор на подвижни скулптури“, за Аnadolu Аgency (AA) изјави дека и тој, како и другите жители со потекло од Црноморскиот регион, отсекогаш бил љубител на оружје. Бидејќи било забрането да се изработуваат револвери со нормални димензии, се одлучил да изработи скулптура пиштол.
Барајќи предмет кој има систем на работа и подвижен механизам, Ердем се одлучил да го изработи пиштолот:
„Сметам дека вакво нешто ќе го привлече вниманието. Кога се одлучив да го изработам ова оружје, размислував пред дуќанот да го изложам логото на фирмата, но по завршувањето на работата, голем интерес ми предизвика скулптурата. Пред да ја изработам, ја нацртав. Ова што јас го изработив е 10 пати поголемо од оригиналниот „Magnum 357“. Секој дел е идентичен со оригиналот. Од рачката на пиштолот, до крајот на неговата цевка, скулптурата е долга 3 метри и тешка 100 килограми. Можеби не е функционален со куршуми, но би можел да изработам фишеци за него.“

Изјавувајќи дека досега не зел патент за производите што ги изработил, Ердем изјави: „Мој пријател што се занимава со патенти ми препорача да поднесам барање за патент. На негова иницијатива поднесов такво барање.“
За желбата, изработената скулптура да ја изложи во некој музеј, Зафер Ердем рече: „Ова што го изработив е во сопственост на општеството. Би бил среќен ако биде изложен во некој музеј. Да се биде ценет е пријатно чувство за човек. Музејот е најдобро место во кое луѓето би дошле, и гледајќи ја скулптурата, би рекле ’Можно е да се изработи и вакво нешто‘. За изложба во музеј имам голем број проекти. Во мојот репертоар има голем број подвижни скулптури. Ме возбудува помислата за интересот на луѓето за скулптурите. Другите проекти многу побргу ќе завршат“, зборуваше Ердем.
- „Некои луѓе не го разбираат она што го изработувам“ -
Зафер Ердем, кој веќе 18 години се занимава со обработка на железо, истакна дека посветува особено внимание, работите што ги произведува да не бидат вообичаени. „Правејќи нешто поразлично, потребно е издигнување на нивото. Заради тоа, во мојот труд секогаш вметнував по нешто ново. Некои мои творби луѓето не ги разбраа, додека некои привлекоа голем интерес“, рече Ердем.
Информирајќи дека неговото семејство и роднини се столари, тој рече дека дрвото има кршлива природа и неговото враќање во првобитна состојба не е можно.

Зборувајќи дека во секого постои креативност, Ердем истакна дека неговата е давање форма на железото. „Железото е волшебен материјал. Тоа е чудесен материјал. Можете да го претворите во која било форма што ја сакате. Но стопати можете да му ја смените истата форма, и тоа воопшто нема да ви се противи, постојано ќе ви се покорува. Доволно е само да му ја дадете температурата што ја посакува, притисокот на чеканот, чувството на милост, љубов, разговор. Тоа ќе премине во вашата посакувана форма“, прокоментира Ердем.
Зафер рече дека производите им биле скапи на муштериите. „Не му се дава многу значење на рачното производство. Јас во скулптурата го вметнувам моето 18-годишно искуство, ја изработувам посакуваната форма, облик. Неценењето на трудот го прави човека тажен“ рече Ердем.
Тој информираше дека ваков тип на производи се изложуваат во странство: „Се прават изложби на тетоважи и ракотворби. За жал, нема такви нешта во Турција. Повеќе имаме фабрикувани производи. Јас нив воопшто не ги сакам. Тие немаат дух.“
news_share_descriptionsubscription_contact
