Said Amori,Zeynep Tüfekci Gülay
19 Септември 2025•Ажурирај: 21 Септември 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Повеќе од 400 пејачи и уметници низ светот го најавија своето учество во културен бојкот за отстранување на нивните дела од израелските дигитални платформи за пренос во знак на протест против тековниот геноцид врз Палестинците во Газа, известува Анадолу.
Продлабочувањето на хуманитарната криза предизвикана од нападите на Израел врз Газа и сликите на Палестинците, особено децата, кои се борат со глад, продолжуваат да побудуваат глобален бес.
Според „Хаарец“, повеќе од 400 пејачи и уметници низ светот се приклучиле на културен бојкот за отстранување на нивните дела од израелските дигитални платформи за пренос во знак на протест против тековниот геноцид врз Палестинците во Газа.
Меѓу оние кои ја потпишаа декларацијата подготвена во рамките на иницијативата започната под слоганот „Нема музика за геноцид“ се и британскиот бенд „Масив атак“, шкотскиот „Прајмал скрим“ и американскиот „Џапанис брекфаст“, како и американската музичарка Керол Кинг, јапонската пејачка Рина Савајама и данската пејачка Мо.
Во соопштението објавено од организаторите на иницијативата се наведува дека кампањата има за цел да изврши притисок врз големите издавачки куќи како што се „Сони“, „Јуниверзал“ и „Ворнер“ и да ги охрабри да се приклучат на иницијативата за бојкот, слично на чекорите преземени кон Русија по нападите врз Украина.
„Културата сама не може да ги запре бомбите, но може да се бори против политичките притисоци, да го сврти јавното мислење кон правдата и да се спротивстави на нормализацијата на односите со земјите кои вршат злосторства против човештвото“, се вели во соопштението.
Протести и бојкоти на полето на културата, спортот и уметноста се одржуваат во многу земји против геноцидот што Израел го спроведува врз Палестинците во Газа.