Ömer Aydın
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
ПАРИЗ (АА) – Францискиот весник „Ле монд“ објави дека синоќа починала легендата на француската шансона, Шарл Азнавур, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во веста се вели дека 94-годишниот пејач неодамна се вратил од кратката турнеја во Јапонија, и починал во сон во својот дом во градот Алпил, во јужниот дел на Франција.
Азнавур е роден во Париз, како дете на имигранти, татко од Грузија и мајка од Турција. Тој најпрвин стана познат по тоа што компонираше музика за познати светски музичари. По 30-тата година стана славен и во Франција, а со околу 1.400 песни што ги напиша и песните што ги пееше стана познат и во светски рамки. Азнавур беше актер во 80 филмови, а во текот на својата музичка кариера продаде повеќе од 180 милиони албуми.
Во 2009 година беше назначен за амбасадор на Ерменија во Шведска, а од 1995 година е постојан претставник на Ерменија во Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО).
На почетокот од оваа година, тој го привлече вниманието на јавноста во Франција поради зборовите што ги искажа за мигрантите. На прашањето на водителот „Зошто имате дистанциран однос кон мигрантите во Франција“, Азнавур одговори: „Меѓу тие луѓе може да има личности со извонредни способности, треба да направиме селекција. Не можеме да ги прифатиме сите. Со селекција, меѓу нив можеме да избереме многу интересни луѓе“.