Besar Ademi
30 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Популарниот пејач во исламскиот свет, Сами Јусуф за првпат доаѓа во Македонија, каде што на 3 септември ќе настапи на националната арена „Филип II“ во Скопје со својот најнов албум „Бараках“ (Бериќет). Настапот ќе опфати 11 изведби на англиски јазик и на некои други јазици, јавува Anadolu Agency (AA).
Со овој албум, Јусуф реагира на злосторствата извршени во име на исламот. Организаторот на овој настан, Ферки Демировски истакна дека Сами Јусуф со големо задоволство ја прифатил поканата да настапи во Скопје, и додаде дека овој концерт ќе испрати порака за мир и доверба за пошироката публика.
„Ова е концерт што ќе нѐ обедини сите нас затоа што овој пејач го сакаат сите заедници, како Албанците, Турците Бошњаците. Верувам дека во овој момент е многу битно да се обединиме и преку овој концерт да покажеме дека можеме да бидеме заедно“, изјави Демировски.
Според Демировски, одлуката концертот да се одржи во Скопје е донесена затоа што од географски аспект, Скопје е центар на Балканот и поседува подобри услови за одржување на голем концерт со светски познати пејачи.
Исто така, организаторот на овој настан посочи дека досега се продадени преку 10 илјади билети, вклучувајќи ги и посетителите од Косово и од Албанија, но според него, в сабота се очекува бројот на посетители да достиге до 25 илјади. Покрај официјалната веб-страница на Сами Јусуф, билетите се продаваат и во некои други продажни места во Скопје, Приштина и во Тирана.
Сами Јусуф е познат пејач во Велика Британија, со потекло од Азербејџан, кој во 2006 година беше прогласен за „најголемата рок-звезда на исламскиот свет“ од страна на американското списание „Тајм“.
Овој пејач е роден во 1980 година, во музичко семејство со потекло од Иран, а од мала возраст научил да свири на неколку инструменти, да пее и да пишува музички текстови.
Тој се образувал во неколку музички училишта, вклучувајќи го и „Ројал академи оф мјузик ин Лондон“. Во 2003 година тој го презентираше првиот албим „Учител“ (Al-Mu’allim), а подоцна и вториот „Мојот народ“ (My ummah) и продаде околу 5 милиони копии. Вообичаено во своите песни тој пее за љубовта, мирот, толеранцијата и милостивоста.