Senada Ibraimova
01 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Центарот за култура при културолошките студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со поддршка на Министерството за култура во Скопје организираше четврта годишна меѓународна научна конференција на тема „Дислокации и културни конфликти: миграции, дијаспора, тероризам, граници“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на оваа конференција е да ги соедини истражувачите чие поле на интерес се миграциите од која било област сродна на миграциите – историчари, социолози, луѓе кои се занимаваат со културолошки студии. Организаторите на оваа конференција се надеваат дека со еден интердисциплинарен однос меѓу научниците од различни дисциплини ќе може да се најде некој можен излез за решавање на проблемот со мигрантите.
Претседателката на Центарот за култура при културолошките студии на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Лорета Георгиевска Јаковлева истакна дека проблемот со миграциите е од големо значење и е актуелен проблем, кој треба да се решава и разгледува на едно повисоко научно ниво.
„Македонија сѐ уште се справува со мигрантската криза и сѐ додека на луѓето им се загрозени животите и има воени подрачја, ние и светот ќе имаме проблем со голема преселба на народите. Македонија е само една од алката која може да се справува на ваков или онаков начин. Нашата задача е да имаме похуман пристап кон луѓето кои се загрозени и да им помогнеме колку што можеме, но и ние сме мала земја којашто нема многу економски можности да ги прими сите оние луѓе што имаат потреба од сигурен дом“, рече Георгиевска.
Професорот на катедрата за социјална антропологија при Универзитетот „Мурсиа“ во Шпанија, Џовани Ерколани, кој зборуваше за влијанието на Европската Унија врз мигрантската криза, истакна дека мигрантската криза е само еден добар бизнис.
„Справувањето со мигрантската криза постои години наназад; политичарите не беа заинтересирани за нејзиното решавање, но и не беа подготвени да вложат средства за стратешка превенција од неа. Постојат некои неолиберални сили коишто го злоупотребуваат стравот од мигрантската криза за војна меѓу сиромашните народи“, рече Ерколани.
Конференцијата што започнува денес ќе трае три дена. Годинава учество ќе земат околу 90 научници од 70 држави.