Erbil Başay
23 Септември 2018•Ажурирај: 24 Септември 2018
БЕРЛИН (АА) - Шефот на германската дипломатија, Хеико Мас, изјави дека во трансатлантските односи дошло до структурални промени на кои Европа треба да биде подготвена, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мас во интервју за германската новинска агенција ДПА истакна дека е нечуено тоа што за многу одлуки на Соединетите Американски Држави (САД) се дознава преку социјалната мрежа Твитер. Тој додаде дека и голем дел од американската јавност за одлуките на Белата куќа дознава преку претседателскиот профил на оваа социјална мрежа.
Тој во пресрет на заминувањето во Њујорк каде што треба да присуствува на седницата на Генералното собрание, изјави дека порано, на консултации од Европа во САД се одело многу почесто, а дека тоа е редок случај од вселувањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Мас истакна дека Германија сака да го обнови интензивниот дијалог и соработката со САД.
„Дојде до структурални промени во трансатлантските односи. Тоа нема да исчезне по Трамп. Во Германија, но и во Европа мораме да бидеме подготвени на тоа во стратешка смисла“, изјави Мас.
Истакнувајќи дека Европската Унија мора да има повеќе самодоверба во односите со САД, Мас изјави дека овогодишните настани биле поучна лекција за Брисел.
„Ние, Европејците, не треба да седиме како глушец пред змија и да чекаме што ќе биде објавено на Твитер следниот ден“, порача Мас.