ВАШИНГТОН (АА) - КАСИМ ИЛЕРИ -
Политиката на закани од страна на американскиот претседател Доналд Трамп доведе до своевиден судир, до интензивирање на полемиките и тензии со голем број сојузнички земји, пишува Anadolu Agency (AA).
„Дипломатијата на закани“ од Трамп доведе до тензии во односите со меѓународните организации како што се Европската Унија (ЕУ), Обединетите нации (ОН) и НАТО.
Тука спаѓааат и земјите како Велика Британија, Германија, Канада, Пакистан и Катар, а на таа листа од вчера е додадена и Турција.
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) ѝ се закани на Турција со санкции доколку не биде ослободен американскиот свештеник Ендрју Крег Брансон, кому во Турција му се суди за шпионажа и делување во име на терористичките организации ПКК и ФЕТО.
„Никој не може да ѝ наредува и да ѝ се заканува на Турција“, реагираше Министерството за надворешни работи на Турција по заканите упатени од Трамп.
- Европа ја нарече непријател -
Претседателот на САД ги критикуваше и земјите на НАТО поради неисполнувањето на обврските да трошат до 2 % од својот бруто домашен производ за одбрана. Повторувајќи дека „нема да ја брани Европа“, Трамп го наруши и вековното сојузништво меѓу САД и Европа.
Особено на мета ја имаше Германија, велејќи дека оваа европска земја склучува големи нафтени и договори за снабдување со гас со Русија, а од САД очекува да ја штити од Русија „додека секоја година ѝ плаќа милијарди на таа земја“.
По средбата со рускиот претседател Путин во Хелсинки, главниот град на Финска, Трамп говореше за телевизискиот канал „Фокс њус“ (Fox News), критикувајќи ја мигрантската политика на германската канцеларка Ангела Меркел. „Ангела едно време беше супер ѕвезда, сè додека не дозволи во Германија да дојдат милиони мигранти. На сите претходни избори беше непобедлива, но мигрантската политика нејзе многу ѝ наштети“, рече Трамп.
Објавувајќи дека ќе воведе дополнителни царински давачки при увоз на челик и алуминиум во САД, Трамп отвори пат за уште поголемо затегнување на односите со Европа.
На социјалните мрежи продолжи да им се заканува на европските земји со царинско оданочување. Во една од своите изјави, ЕУ ја нарече непријател.
Меѓутоа, на почетокот од неделава, имаше состанок со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, со кој се договори дека ќе разговара за укинување на царините меѓу Европската Унија и САД.
- Твитер-дипломатија со стратешките сојузници -
Една од неговите најинтересни изјави е пофалбата за излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Меѓутоа, пофалбите и позитивниот став кон Велика Британија не траеја долго.
Американскиот министер за одбрана Џим Матис на својот британски колега му напиша дека Лондон би требало да ги зголеми трошоците за одбрана доколку сака да остане приоритетен сојузник на САД.
Тензиите продолжија и во текот на посетата што Трамп ја оствари во Лондон и состанокот со премиерката Тереза Меј. Американскиот претседател тогаш имаше изјавено дека Меј не ги послушала неговите совети кога е во прашање Брегзит.
Реториката на закани кон надворешните сојузници Трамп ја продолжи и со Канада. Канада како одговор на воведените царини за железо и алуминиум при увоз во САД, за 270 отсто ги зголеми царините на млечните производи со потекло од САД. Поради тоа, Трамп во јуни најави дека ќе ја повлече американската поддршка на заедничката изјава на земјите од Г7 и се закани дека ќе воведе нови царини на увозот на автомобили во САД, со што сигнализираше на можноста за ново влошување на трговските односи меѓу најразвиените земји од светот.
Тој го обвини премиерот на Канада дека „зборува зад грб“ и рече дека е „дволичен“.
По оваа изјава канадскиот премиер Трудо одржа прес-конференција на која рече: „Канаѓаните се љубезни. Ние сме разумни луѓе и нема да се расправаме“.
Претседателот на САД ѝ се закани и на официјална Доха, што ги влоши односите меѓу овие две земји.
На листата земји на кои им се закани Трамп е и Јужна Кореја, сојузник на САД од 1950 година.
- Игнорирање меѓународни договори -
Трамп, покрај двојните врски, излегувајќи од договорите, напушти голем број организации и САД ги остави осамени.
Претседателот Трамп донесе одлука да се повлече од Транспацифичкиот трговски договор кој го имаше потпишано со 11 земји од Пацификот што доведе до отфрлање на мостовите што САД ги имаа со значајни трговски партнери, како што се првенствено Кина, а потоа Јапонија, Мексико и Канада.
Трамп се повлече и од Парискиот климатски договор потпишан од Барак Обама, неговиот претходник на функцијата претседател на САД. Спротивно на предводништвото што САД го имаа во светскиот поредок, Трамп го напушти членството во УНЕСКО - организација во рамките на Обединетите нации (ОН) за образование, наука и култура и Советот за човекови права при ОН.
Трамп предизвика големи реакции како во својата земја, така и во светски рамки со изјавите на неговиот профил на социјалната мрежа Твитер во кои се заканува дека САД ќе се повлечат од значајни меѓународни организации, како што се Светската трговска организација, Договорот за слободна трговија на Северна Америка (NAFTA) и НАТО.