Meltem Bulur
30 Ноември 2017•Ажурирај: 01 Декември 2017
БАКУ (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во главниот град на Азербејџан изјави дека Турција не се меша во внатрешните работи на САД, и додаде: „Но доколку Пентагон не го слуша сопствениот претседател тогаш, тоа нѐ засега и нас“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Американскиот претседател Трамп лично на нашиот уважен претседател, во телефонски разговор му кажа дека повеќе нема да го вооружува ЈПГ. Ние не се мешаме во внатрешните работи на САД, но ако Пентагон не го слуша сопствениот претседател, тоа нѐ засега и нас. Оружјето што таму се доставува е закана за нас, но истовремено и прашање на внатрешната политика на САД. Зборот на претседателот на една важна држава како САД треба да се уважува. Ние како Турција придаваме големо значење на тоа и секој збор што го даваме, ние и го одржуваме“, вели Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија додаде дека без двоумење, како и претходно, ќе се влезе во подрачјата од каде што доаѓа заканата за Турција.
„Како претходно без двоумење влеговме во подрачјето на Килис од каде доаѓаше заканата и ја спроведовме операцијата 'Штитот на Еуфрат' и го исчистивме подрачјето од ДЕАШ? Кога ќе дојде време, без двоумење ќе влеземе и во Африн и во останатите подрачја од кои доаѓаат закани за Турција и тие простори ќе ги исчистиме од терористите. Како што кажа и нашиот претседател, една вечер, неочекувано, можеме да дојдеме и да влеземе.”