Ayşe Hümeyra Atılgan
09 Април 2017•Ажурирај: 10 Април 2017
КАИРО (АА) - Најмалку 43 лица загинаа, а 119 се повредени во двата бомбашки напади на цркви што се случија денес во Египет, за кои одговорност презеде терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството за здравство се вели дека едната експлозија одекнала во црквата Св. Ѓорѓи во градот Танта, во којашто загинаа најмалку 27, а беа повредени 78 лица.
Неколку часа подоцна, 16 лица загинаа, а 41 беше повредено кога бомбаш-самоубиец се разнесе на контролен пункт пред црквата Св. Марко, во крајбрежниот египетски град Александрија.
Египетското претседателство објави тридневна жалост.
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се истакнува дека бомбашот-самоубиец, откако бил спречен да се пробие низ безбедносниот кордон околу црквата, го активирал експлозивот. Потврдено е дека во нападот загинале четворица полицајци.
Извори од црквата потврдија дека поглаварот на Коптската православна црква во Египет, Тавадрос II, бил во црквата кога се случил нападот, но дека тој не е повреден.
Терористичката организација ДЕАШ ја презеде одговорноста за нападите, преку својата новинска агенција Амак.
Денешните бомбашки напади се случија на христијанскиот празник Цветници, на кој, според христијанското верување, се одбележува влегувањето на Исус Христос во Ерусалим.
Коптските христијани во Египет бројат меѓу 8 и 10 отсто од вкупното население, кое изнесува околу 90 милиони.