Mustafa Melih Ahıshalı
02 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Началниците на Генералштабите на вооружените сили на Иран и Турција, Мухамед Бакири и Хулуси Акар, по состанокот во Техеран изјавија дека двете земји ќе ја унапредат воената соработка наспроти заканите и ризиците во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција и Иран се две пријателски земји кои низ вековите негуваат заеднички вредности. Во контекст на тие заеднички вредности ќе ја унапредиме соработката во борбата против постоечките закани“, изјави турскиот генерал Акар по состанокот во Генералштабот на иранската војска во Техеран.
Укажувајќи на важноста на соработката во борбата против тероризмот и безбедноста на границите, Акар рече дека воената соработка треба да се унапредува паралелно со политичката и економската соработка.
Началникот на Генералштабот на иранската војска, генерал Бакири, истакна дека Иран и Турција зазеле ист став против спроведениот нелегитимен референдум во Регионалната курдска управа во северен Ирак.
„Ние го делиме истиот став во однос на неопходноста од зачувување на територијалниот интегритет на Ирак, и за неприфаќањето на нелегитимниот референдум. Ние денес разговаравме и за неопходноста од воспоставувањето мир во Ирак и во Сирија, и продолжување на борбата против терористичката организација ДЕАШ во овие земји“, рече Бакири.
Челниците на турските и иранските вооружени сили, Бакири и Акар, разговараа и за потребата од единствено делување на муслиманските земји во решавањето на кризите, како што е кризата со којашто се соочува муслиманското малцинство во Мјанмар.
Началникот на Генералштабот на турската армија, Хулуси Акар, во текот на посетата ќе се сретне со иранскиот претседател Хасан Рухани, со иранскиот министер за одбрана, Емир Хатеми и со други високи претставници на Техеран.