Ekipa
04 Февруари 2018•Ажурирај: 04 Февруари 2018
АЗАЗ (АА) - Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната сириска војска западно од центарот на градот Африн го ослободија селото Хаџ Билал од терористите на ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерот на АА известува дека турските сили и борците на сириската опозиција во рамките на операцијата „Маслинова гранка“ денеска изведуваат жестоки напади врз позициите на терористичката организација ПЈД/ПКК во местото Шеик Хадид кај Африн.
Селото Хаџ Билал целосно е ослободено од терористите, а турските сили ја продолжуваат операцијата во тој регион.
Ослободеното село се наоѓа на возвишение преку кое главните сообраќајници водат кон центарот на Шеик Хадид.
Досега, во подрачјето на Африн од терористите на ПЈД/ПКК се ослободени вкупно 32 точки, вклучувајќи еден град, 22 села и девет стратешки важни брда.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) т.е 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално држат под окупација 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат помеѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-те години води терористичка кампања против Турција.