ДИЈАРБАКИР (АА) - Во текот на денешната посета на југоисточната покраина Дијарбакир, турскиот премиер Бинали Јилдирим порача дека Турција ќе го одбрани единството и братството на својот народ, како и неговите права, и дека нема да дозволи успех на оние кои сакаат да го затрујат мирот и да предизвикаат пролевање на братска крв во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим денес на собирот во Дијарбакир го соопшти планот на Владата за инвестирање во проектите и програмата за поттикнување на инвестициите во источниот и југоисточниот дел од Турција, попрецизно во 23 турски покраини кои се соочени со терористичките закани на сепаратистите и терористите на ПКК.
„Ќе ги уништиме сите терористички организации. Заедно со народот ќе ги исчистиме сите терористи. Оние кои сакаат да ја поделат оваа земја и да го распарчат единството на нации никогаш нема да можат да дојдат до решение. Решението е народот сам по себе, решението е граѓанинот”, порача премиерот Јилдирим.
Укажувајќи на поразот на терористичката организација ФЕТО, по обидот за воен удар во Турција, премиерот Јилдирим изјави дека е близу и поразот на терористите на ПКК. „Да ви соопштам добра вест, во споредба со минатата година бројот на млади луѓе кои заминуваат во терористичките кампови во планините е намален за десетпати. Од 4.000 на 400, но мора да падне на нула. Терористите се сега загрижени и велат дека немаат повеќе млади лица кои ќе одат во смрт и меѓусебно ќе се расправаат, а ќе се расправаат сè повеќе. Нема повеќе да ви ги даваме децата на овој народ”, изјави Јилдирим.
Истакнувајќи дека терористите на младите им нудат само кампови во планините и смрт, Јилдирим изјави дека Турција им нуди живот, иднина и дека таа земја ќе им остане во аманет.
Турскиот премиер ја претстави програмата за инвестиции и поттикнување на приватниот сектор на инвестирање во источниот и југоисточниот дел на Турција, а во обраќањето изјави дека станува збор за десетгодишна програма која за цел има да ги редуцира на минимум разликите во развојот на турските региони.
Нагласувајќи дека многу инвеститори сакаат да инвестираат во источниот и југоисточниот дел од Турција, но и дека се плашат од терористичките закани по нивните животи, премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека борбата против тероризмот е приоритет и барање за реализција на мега проекти во тој регион.
„На сите инвеститори кои сакаат да дојдат и да отворат фабрика во југоисточните покраини на земјата, Владата бесплатно ќе им обезбеди земјиште. Државата ќе им изгради и фабрики и ќе им ги предаде да работат”, изјави Јилдирим и додаде дека на тие инвеститори ќе им биде овозможен и поттикнувачки кредит без камата за набавка на опрема за работа, но исто така вети и дека нивните производи ќе имаат приоритет во јавните набавки, а дека инвеститорите е доволно да имаат желба за работа.
Осврнувајќи се и на жртвите од терористичките напади, премиерот Јилдирим најави дека сите куќи и објекти ќе бидат обновени во својот првобитен изглед, а дека дотогаш државата ќе ги обезбеди сите трошоци за изнајмување на станбените единици за граѓаните кои останале без куќа.
Тој најави големи проекти и поттикнувања за инвеститорите и во секторите за здравството, културата и инфраструктурата. Меѓу најавените проекти се и три модерни фудбалски стадиони.
„Спасот на регионот е во земјоделството. Во наредните четири години ќе ги завршиме сите проекти за наводнување и нема да остане ниту парче од земјоделската земја без систем за наводнување”, изјави Јилдирим.
Во однос на операцијата „Штитот на Еуфрат”, која Ослободитекната војска на Сирија ја спроведува со поддршка на турските сили во северниот дел од Сирија, Јилдирим изјави дека таа офанзива ќе трае сè додека тамошните терористички организации претставуваат закана по безбедноста на Турција и интегритетот на Сирија.
news_share_descriptionsubscription_contact
