Nilay Kar
18 Февруари 2019•Ажурирај: 19 Февруари 2019
БУРДУР (AA) – „Турција очекува сирискиот регион Мунбич да биде ослободен од терористите и предаден на локалното население што е можно поскоро“, изјави денес претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган говореше во областа Бурдур, на југозападот на земјата.
„Како и што е ветено, очекуваме Мунбич да биде исчистен од терористите што е можно поскоро, а власта да биде предадена на локалното население“, рече Ердоган.
Турција претходно најави антитерористичка операција во Сирија, поточно источно од Еуфрат, која ќе следува по двете успешни слични операции изведени од 2016 година.
Договорот за Мунбич од јуни 2018 година постигнат помеѓу Турција и САД се фокусира на повлекувањето на терористите на ЈПГ/ПКК од градот за да се стабилизира тоа подрачје, кое се наоѓа во северниот дел на провинцијата Алепо, во Сирија.
„Во ова подрачје, ќе победат само оние кои не стојат против Турција, туку се со неа“, рече Ердоган, говорејќи за подрачјето на северот на Сирија.
Ја повтори решителноста на Турција да се бори против тероризмот во соседна Сирија.
„Ние имаме граница (со Сирија) од 911 километри. Ние сме под закана секој момент“, рече Ердоган.
Турскиот претседател критикуваше и одредени сојузници во НАТО.
„Какво е ова сојузништво во НАТО? Им давате на терористите околу 23.000 камиони оружје и опрема, а кога ние ве прашуваме, не сакате ниту да ни го продадете“, рече Ердоган.
Турција неколку пати ги критикуваше САД поради снабдувањето на терористите на ЈПГ/ПКК со оружје, за наводна борба против терористичката група ДЕАШ, истакнувајќи дека нема смисла да се борат против една терористичка организација со користење на друга.
Припадниците на ПКК, која е прогласена за терористичка организација во Турција, САД и ЕУ, во текот на периодот подолг од 30 години, одговорни се за страдањето на речиси 40.000 луѓе. ЈПГ/ПЈД е нејзиниот сириски огранок.