ЕДРЕНЕ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција била често напаѓана и критикувана на темата верски слободи, а оние кои ја напаѓале, како што рече тој, многу добро знаат дека во Турција еднакво се штитат правата на секој народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во своето обраќање во турскиот град Едрене зборуваше за верските слободи, и истакна дека Турција во таа смисла често била цел на неоправдани напади и критики.
Како што истакна, Турција често е напаѓана, иако, оние кои ја напаѓале, многу добро знаеле дека во таа земја еднакво се штитат верските права на турскиот, но и на секој друг народ.
„Турција, заедно со нас влезе во период во кој на секој граѓанин на оваа земја му се загарантирани правата и слободите, без оглед на која вера или месхеб припаѓа. Дали е со откриена или покриена глава, како и да се облекува, ние немаме овластувања ниту право во тоа да се мешаме“, порача Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека во подрачјето на Тракија се пронајдени нови полиња со природен гас, со што производството на гас во тој регион ќе биде удвоено.
„Откривме нови полиња на гас со резерви од три милијарди кубни метри кои ќе го удвојат нашето сегашно производство на гас во Тракија. Ова количество е доволно да се обезбедат потребите од гас за 300.000 домаќинства за наредните 10 години“, порача Ердоган.
„Во 2017 година нашето производство на електрична енергија од домашни ресурси изнесуваше 45 отсто. Сега достигна 60 отсто“, изјави Ердоган.
Турција има ограничени домашни енергетски ресурси и главно зависи од скапиот увоз на енергија за нејзината потрошувачка, што претставува најголем удел во дефицитот на тековната сметка. Земјата се обидува да открие нови извори на нафта и природен гас, а исто така и во голема мера инвестира во обновливите извори на енергија и домашен јаглен.