Ivana Ramadanova
21 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа конференција за промоција на заедничката програма „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициско постапување“, кофинансирана од ЕУ и од Советот на Европа како дел од Хоризонаталната програма за Западен Балкан и Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Конференцијата ја отвори министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој истакна дека овој проект претставува продолжение на претходно реализираните активности во рамките на проектот „Поддршка за воспоставување на надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата“, спроведен од страна на Советот на Европа, со финансиска поддршка од Кралството Холандија.

„При преземањето на активности во рамките на своите овластувања, полициските службеници мораат стриктно да го почитуваат правото на живот и хумано да постапуваат со секое лице, без разлика дали лицето бара заштита од полицијата или пак е лице кое го крши законот и е сторител на некое кривично дело. Во своето постапување, полициските службеници имаат обврска да ги почитуваат критериумите на законитост, сразмерност и недискриминација, а секој полициски службеник треба да подлежи на индивидуална одговорност за своите постапки во текот на вршењето на полициските задачи“, истакна министерот.
Спасовски истакна дека лично се заложува за целосна професионализација на полицијата и за полиција на висина на задачата, која ја сфаќа својата сериозна улога во општеството.
„Успешното реализирање на проектот кој денеска свечено го промовираме, очекувам да го помогне процесот на воспоставување независен и ефикасен механизам за контрола на работата на органите за спроведување на законот во државата, на што во Министерството веќе работиме“, рече Спасовски.
Според координаторот на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција, Тања Ван Дајк, фокусот на проектот ќе биде на човековите права во полицијата, а ќе трае 18 месеци.

„Целата оваа програма се фокусира на помагање на властите во спроведувањето на препораките на различните тела за мониторинг на Советот на Европа и притоа да ѝ се помогне на земјата за приближување кон ЕУ“, истакна Ван Дајк.
Раководителот на Секторот за соработка, Никола Бертолини рече дека е многу важно да се поддржат препораките на Советот на Европа, меѓународните стандарди за правда, владеење на правото, борбата против корупцијата и криминалот, перењето пари, против дискриминацијата, човековите права и сметаме дека ова е една заедничка цел.

„Ќе ја придружуваме земјата кон подобри стандарди во сите овие активности. По долги преговори, дојдовме до оваа програма којашто содржи голем број проекти. Станува збор за еднаквост пред законот. Тоа значи поголемо усогласување со стандардите што се користат во ЕУ. Ова е огромна можност полицијата во земјата да изгради доверба кај граѓаните, а граѓаните да разберат дека работата на полицијата е за нивно добро и нивна безбедност“, истакна Бертолини.