Sarp Özer
20 Јуни 2018•Ажурирај: 22 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот народ, на референдумот што се одржа на 16 јули минатата година, гласаше „За“ воведување претседателски систем на раководење во земјата. В недела, на 24 јуни, турските гласачи ќе излезат на првите избори по овој референдум, на кои ќе избираат претседател на државата и претставници во Парламентот.
Anadolu Agency (AA) подготвена ги дочекува предвремените претседателски и парламентарни избори, исто како што и во претходните изборни процеси, брзо и точно ги известуваше своите корисници за процесот на гласање и неговите резултати.
Професионалната новинарска екипа на АА и порано на своите корисници навремено им ги даваше сите информации за изборите и изборните резултати кои дополнително се проследени со графички прикази. Корисниците на услугите на АА и претходно имаа можност на интернет-страницата на АА (secim.aa.com.tr) да ги добијат навремените и точните информации, надополнети со графички и картографски прилози.

Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Шенол Казанџи, истакна дека агенцијата АА на последните шест избори и еден референдум, навремено ги доставила сите информации за изборите и изборните резултати. Казанџи рече дека АА во изборните резултати забележала точност од 100 отсто.
Казанџи истакна дека подготовките за следење на изборите закажани за 24 јуни, се завршени, и додаде:
„Без никакво чекање, им ги проследуваме податоците на нашите корисници. Фактот дека со процент од 100 отсто точност многу бргу ги испорачуваме сите податоци, поздравени сме и од странски меѓународни агенции. АА, освен што е турска национална новинска агенција, зазеде место и меѓу најдоверливите новински агенции во светот. Овој успех на АА, без сомнение е извор на гордост за турскиот народ и за земјата.“
Да потсетиме дека АА има професионална екипа задолжена за софтвер, кога станува збор за следење на изборите. Тоа е причина поради која АА последните шест избори, без никакви системски и софтверски проблеми ги доставува податоците до своите корисници.
„Системот за следење на изборите на АА, по секои избори извршува ревизија на следењето, а пред пуштањето на системот во работа, се извршуваат повеќе неопходни тестови, за да бидеме уверени дека податоците без проблеми ќе им бидат испорачани на нашите корисници. На изборите на 24 јуни, за првпат истовремено се избираат претседател и претставници во Парламентот, за првпат партиите се појавуваат во сојузи, првпат е воведен систем на ’патувачки гласачки кутии‘. АА за многу краток период сите овие промени ги имплементираше во својот систем и подготвено ги дочекува изборите“, рече Казанџи.
Казанџи нагласи дека АА сите свои активности и работи ги извршува на меѓународно ниво, во рамките на универзалните правила, и благодарение на тоа, доставувањето на податоците за време на изборите се врши без проблем.
„Евидентно е дека некому му пречи фактот што АА стана агенција со глобален идентитет, односно агенција која објективно и доверливо известува за случувањата во Турција, но и за случувањата надвор од нејзините граници. Неоснованите тврдења и непристојни клевети се показатели дека АА се движи во вистинскиот правец. Во тој контекст, АА не е пристрасна во испораката на информации и податоци, туку само ’ги следи, забележува, и на најбрз начин, доверливо и објективно ги пренесува‘“, рече Казанџи.

Дека АА квалитетно ја работи својата работа, покажува и фактот што изборните резултати кои ги објавува, во потполност се совпаѓаат со резултатите кои подоцна ги објавува и Врховната изборна комисија на Република Турција (YSK).
„Ние ја работиме нашата работа. Водиме сметка нашата работа да ја извршуваме на најдобар можен начин. Тоа ќе го правиме и во текот на изборите на 24 јуни. АА ја доведовме до ниво да биде ’глас на Турција‘, до местото што е дел од нејзината филозофија при основањето. Моментално сме меѓу најквалитетните агенции во светот. Наша цел е да бидеме меѓу трите најдобри. За да успееме во тоа, мораме да бидеме многу поодлучни, поистрајни и побрзи. Ќе продолжиме да го следиме и да го објавуваме тоа што е, а не она што се сака да се чуе и види“, порача претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Шенол Казанџи.