Muhammed Enes Can
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Адвокатот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Ахмет Озел, ги демантираше наводите на лидерот на турската опозициска Републиканска народна партија (CHP) Кемал Киличдароглу, и порача дека турскиот претседател и неговото семејство немаат парични средства во странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Киличдароглу во текот на денешното обраќање во партискиот клуб на пратеници во турскиот Парламент го обвини турскиот претседател Ердоган и членовите на неговото семејство дека испраќале пари на една компанија во странство.
Адвокатот на Ердоган, Озел, кој воедно е и адвокат на синот на Ердоган, Ахмет Бурак Ердоган, на братот Мустафа Ердоган, на зетот Зија Илген, на Осман Кетенџи и Мустафа Гундоган, преку писмено соопштение ги демантираше тие обвинувања и најави покренување правна постапка против Киличдароглу.
„Тврдењата кои денес ги изнесе К. К се потполна лага, а документите со кои мавташе од говорницата се лажни. Киличдароглу треба веднаш тие документи да ги сподели со јавноста. Паралелно со тоа, почитуваниот Мустафа Гундоган е бизнисмен и никогаш не бил шеф на кабинетот на нашиот почитуван претседател. К. К до крајот на работното време треба овие документи да ги достави на некое од државните обвинителства и да поднесе кривична пријава“, се наведува во реакцијата на адвокатот на Ердоган, Ахмет Озел.
Тој нагласи дека неговите клиенти никогаш не испраќале пари на компанијата и во земјата која ја споменува Киличдароглу.
„Претседателот на Републиканска народна партија, К К јасно се обидува да ѝ се оддолжи на терористичката организација ФЕТО којашто го донесе на таа функција. Тој и претходно мавтал со документи кои во раце му ги доставуваа од ФЕТО, и не се црвенееше кога се докажа дека тоа се фалсификати. Сега потпишува уште еден скандал. K.K уште еднаш падна во замката на ФЕТО. Повторувам, Киличдароглу веднаш нека им ги достави документите на кои медиуми сака. Нека ги предаде на обвинителството и нека поднесе тужба. Повторно нагласувам дека почитуваниот претседател Ердоган и неговото семејство немаат пари во странство“, рече адвокатот Озел.
Во таа пригода тој најави дека ќе покрене правна постапка против Киличдароглу со цел пред судот да одговара за изнесување клевета и лаги која се темелат на дезинформации и лажни документи.