Diyar Güldoğan
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
ЕСКИШЕХИР (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Турција ќе покрене нови активности против терористите преку границата, во Сирија, кога ќе дојде време за тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кога ќе дојде време, потребните акции ќе бидат преземени и во Мунбич и источно од Еуфрат“, изјави Акар, осврнувајќи се на антитерористичката операција за која долго време се говори од страна на турските власти.
Акар изјави дека подготовките на Турција за можна операција се направени, додавајќи: „Единствената цел на Турските вооружени сили се терористите.“
Од 2016 година, антитерористичките операции на Турција „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ во Северозападна Сирија го ослободија регионот од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, овозможувајќи им на Сиријците кои избегаа оттаму поради насилствата, да се вратат во своите домови.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, вклучувајќи и жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.
Акар, исто така, рече дека Турција ги поздравила „навремените“ реакции и мерки на Регионалната курдска управа на северен Ирак против нападот врз турската база лоцирана во Ирак.
Во саботата, од турското Министерство за одбрана се кажа дека базата во сопственост на Турските вооружени сили во Северен Ирак, била нападната како последица на провокација предизвикана од терористичката организација ПКК.