САКАРЈА (АА) - Екипата на Anadolu Agency (АА) ќе биде дел од третата национална научна експедиција на Антарктикот во рамки на Проектот за формирање турска научна база на Антарктикот, каде што на самото место ќе ги следи истражувањата на научниците, и преку својот објектив ќе го одрази живеењето и флората на тој континент, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарката Дилара Зенгин, фоторепортерката Озге Елиф Кизил и камерманот Серве Улку, ги завршија подготовките за експедицијата на Антарктикот, која ќе се реализира под покровителство на турското Претседателство, под надлежност на Министерството за индустрија и технологија на Турција, а во координација на Центарот за поларни истражувања „Uyg-Ar“ (PolReC) при Техничкиот универзитет во Истанбул.
Новинарката на АА, Дилара Зенгин, истакна дека тие како институција ќе учествуваат во оваа експедиција на Антарктикот.

„Истражувањата на научниците таму ќе ги пренесеме со фотографии, видеоснимки и вести. Околу еден месец ќе создаваме вести за активностите на оваа екипа, и за станицата која ќе биде изградена од страна на Генералната дирекција за метеорологија. Од друга страна, светската рекордерка во слободно нуркање, Шахика Ерџумен, ќе нурка таму. Исто така, и ова нуркање ќе го пренесеме со видеоснимка, фотографии и вест“, рече таа.
Зенгин нагласи дека Турција во рамките на Антарктичкиот договор имаше само статус на набљудувач, но, според неа, оваа експедиција ќе биде значаен чекор за преминување на Турција во статус на советодавна земја.
Зенгин рече дека тие како екипа на АА за првпат ќе ги фотографираат и снимаат животот и флората на Антарктикот, каде што ќе ги фотографираат пингвините, фоките и глечерите.
Лидерот на турската научна експедиција на Антарктикот, доц. д-р Бурџу Озсој, истакна дека се многу возбудени поради оваа експедиција, како и подготвени и опремени за неа.

Озсој рече дека во овие рамки ќе имаат 13 проекти, од кои 9 национални и 4 меѓународни проекти, и дека ќе тргнат со една екипа од 25 члена.
Озсој потсети дека Турција има статус на набљудувач на Антарктикот, но дека за нив важно е оваа земја да има статус на советодавна земја.
„Антарктикот е како фрижидер на овој свет. Таму можеме да собереме податоци за историјата на земјата кои датираат од милиони години. Овие податоци како што ни пренесуваат информации за минатото, така фрлаат светлина и на денешниот ден. Тоа место е природна лабораторија за да извршиме научни истражувања за тоа што нас нè очекува во иднината“, додаде Озсој, потсетувајќи дека во нивната екипа е вклучен и тимот на АА.
Горенаведената експедиција започнува утре, а во рамките на оваа експедиција во која ќе бидат вклучени вкупно 25 учесници, од кои 17 Турци и 8 странци, во период од 30 дена ќе се реализираат научни истражувања во повеќе области.
Исто така, во овие рамки ќе се реализираат активности во врска со вкупно 13 проекти од универзитетите, како од Техничкиот универзитет во Истанбул, Техничкиот универзитет на Карадениз, Техничкиот универзитет на Среден Исток, Универзитетот „Омер Халисдемир“ во Нигде, Универзитетот „Хитит“, Универзитетот „Бахчешехир“, Универзитетот „Богазичи“, Универзитетот „Деветнаесетти Мај“, и од Истанбулскиот универзитет.
Покрај научниците, во оваа експедиција учествуваат претставници од различни институции, како Генералната дирекција за метеорологија, Генералната дирекција на мапи, Одделот за навигациска хидрографија и океанографија, како и Командата за крајбрежна безбедност.
Во рамки на оваа експедиција каде што ќе се реализираат и работи за формирање Привремена научна база, ќе се формира Турски научен камп на островот Хорсшу.
Турција во рамките на Антарктичкиот договор имаше само статус на набљудувач, но со оваа експедиција ќе се приближи уште еден чекор до својата цел, да премине во статус на советодавна земја.
Генералната дирекција за метеорологија на овој контитент ќе формира две автоматски набљудувачки станици за метеорологија.
Светската рекордерка во слободно нуркање, Шахика Ерџумен, ќе патува заедно со делегацијата на 3. Национална научна експедиција на Антарктикот, и ќе нурка во длабочините на т.н. Бел континент.
Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, како и министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, се сретнаа со турската екипа на оваа експедиција.