Besar Ademi
09 Мај 2016•Ажурирај: 10 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) – По повод Денот на Европа и годишнината од настаните во Куманово, во организација на Опозицискиот совет илјадници Албанци се собраа во паркот во скопската населба Чаир за да протестираат против актулената власт, која според организаторите го дискриминира правото на Албанците во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите под мотото “Правда, достоинство и демократија” маршираа кон зградата на македонската влада, каде организаторите држеа говори. Тие бараа повлекување на одлуката на претседателот Иванов за аболиција на политичарите од кривично гонење, Специјалното јавно обвинителство да продолжи со својата работа како и одржување на избори само тогаш кога ќе се исполнат сите услови.
Претседателот на движењето БЕСА, Билал Касами, во својот говор пред Владата рече дека во оваа земја се загрозени европските вредности. Тој истакна дека Македонија е дом на сите и не е, како што рече, само на корумпираните кои претседателот реши да ги помилува.
“Денеска во оваа држава има македонски и албански сили на ова Влада кои се против Европа. Затоа, ние денеска се наоѓаме тука, за да го покажеме патот на Албанците во Македонија дека тој пат е кон обединета Европа како рамноправни граѓани”, изјави Касами.
Членот на Опозицискиот совет, Ким Мехмети, рече дека младината денеска во Македонија бега од оваа земја затоа што, како што рече, актуелната власт не се грижи за неа.
“Ние се собравме денеска тука за да кажеме дека на оваа Македонија лошо и се пишува доколку мисли дека може да се изгради со гласот на оние вазали што ги има во зградата. Ние 26 години им велевме дека треба да ги почувствуваме и претседателот на Собранието и премиерот како наши, но тоа ќе се случи тогаш кога Македонците ќе сфатат дека на оваа држава многу и личи албански претседател, албански премиер и албански претседател на Собрание”, рече Мехмети.
Протестот помина мирно, но организаторите најавија дека доколку не се преземат мерки за подобрување на состојбата на Албанците во Македонија, во деновите што следат ќе се организираат уште помасовни протести.