Ekipa
22 Август 2017•Ажурирај: 22 Август 2017
БАГДАД (АА) - Џејмс Матис, американскиот секретар за одбрана, денес пристигна во ненајавена посета во Багдад, за да разговара со ирачките официјални претставници, пренесува Anadolu Agency (AA).
Неговата посета доаѓа неколку дена откако Ирак започна воена операција со којашто сака под своја контрола да го врати северозападниот град Тал Афар, кој моментално е под контрола на ДЕАШ.
„Матис ќе разговара за актуелните борби против ДЕАШ, како и за прашањата од заемен интерес“, изјави извор од Министерството за надворешни работи на Ирак, кој сакаше да остане анонимен. Се очекува американскиот секретар за одбрана да го посети градот Ербил и да разговара со курдските официјални лица.
Според податоците на Пентагон, повеќе од 5.000 американски војници моментално учествуваат во борбите против ДЕАШ во Ирак.
Од друга страна, Владата на Ирак наведува дека американските војници не учествувале во борбите против ДЕАШ, туку дека работат на собирање и размена на разузнавачки податоци, и даваат логистичка поддршка на ирачката војска.
Претежно туркменскиот град Тал Афар во средината на 2014 година беше заземен од страна на ДЕАШ, заедно со големи делови од северен и западен Ирак.
Обединетите нации (ОН) проценуваат дека во Тал Афар и во околните подрачја сѐ уште живеат меѓу 10.000 и 40.000 цивили.