Mustafa Keleş
21 Октомври 2016•Ажурирај: 22 Октомври 2016
ЊУЈОРК (AA) – Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун го повика режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад да ги прекине летовите на воените авиони и бомбардирањето на Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
На предлог на Канада, синоќа е одржана неформална вонредна седница на Генералното собрание на ОН на којашто учествуваа повеќе од 70 членки, а целта на седницата е надминување на блокадата во работењето на Советот за безбедност на ОН поради ветото од страна на Русија на предлог-резолуцијата за Сирија.
Пред учесниците на состанокот се обрати и генералниот секретар на ОН, кој рече дека повеќе нема зборови со кои би можел соодветно да ја опише трагедијата што се случува во Сирија.
Бан истакна дека во бомбардирањата на Алепо од 23 септември се убиени повеќе од 500 луѓе, а четвртина од вкупната бројка се деца, и рече дека од почетокот на јули, во источните делови на Алепо не влегол ниту еден конвој со хуманитарна помош.
Поздравувајќи ја руската одлука за привремено прекинување на нападите, првиот човек на ОН рече дека тоа сè уште не е доволно и дека мора да се најде начин за воспоставување траен прекин на огнот.
Челникот на ОН нагласи дека целиот свет очекува ОН да направи нешто за да се запре трагедијата во Сирија, и додоаде дека сè почесто се соочува со прашањата на јавноста од типот: „Зарем ОН ништо не научил од Сребреница и Руанда?".
„Чувствувам грижа на совеста поради тоа што Советот за безбедност не може да ја исполни својата задача за воспоставување мир во Сирија“, рече Бан и додаде дека мора да се посвети внимание на започнувањето на политичката транзиција во Сирија и дека судбината на една земја не може да се врзува за судбината на еден човек.