Ekipa
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Дипломатските односи меѓу Анкара и Амстердам не се прекинати, истакна денес заменик-премиерот на Р. Турција и портпарол на владата, Бекир Боздаг, јавува Anadolu Agency (AA).
„Холандија немаше амбасадор во Анкара во изминатата година. Тие соопштија дека официјално ќе повлечат непостоечки амбасадор“, изјави за новинарите Бекир Боздаг по состанокот на кабинетот во Анкара.
„Ова не е нов настан, тоа е веќе познатo за нас. Дипломатските односи меѓу Холандија и Турција не се суспендирани“, рече тој, додавајќи дека односите остануваат на ниво на вршител на должност.
Изјавата на заменик премиерот Боздаг доаѓа по потегот на Холандија официјално да го повлече својот амбасадор во Турција.
Односите меѓу Турција и Холандија се влошија пред референдумот во Турција, кога холандските власти ја откажаа дозволата за летање на авионот кој го превезуваше министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Холандската влада, исто така, ја депортира и турската министерка за семејство и социјални работи, Фатма Бетул Сајан Каја, и не ѝ дозволија обраќање пред турската заедница во Ротердам, Холандија, пред гласањето на 16 април.
Покрај тоа, митинзите што ги организираа Турците за поддршка на уставните измени во Турција, за промена во претседателски систем се соочија со рестрикции од централната и од локалната власт.
- Операција „Маслинова гранка“ -
Осврнувајќи се на операцијата „Маслинова гранка“, раководена од страна на Турција во северозападното подрачје на Африн, Сирија, Боздаг рече дека Анкара ќе ги уништи сите видови на оружје и муниција испратени во регионот на Африн.
„Секој вид оружје и муниција испратени во Африн е цел на Турција. Ќе го уништиме или заплениме каде ѝ да го видиме“, рече тој.
Како одговор на прашањето дали Русија го затворила воздушниот простор во Африн, тој рече: „Турските воздухопловни сили го користат воздушниот простор во подрачјето на Африн. Во моментов нема проблем во користењето на воздушниот простор“.
„Ние не очекуваме никаков проблем [околу користењето на воздушниот простор] ниту во иднина“, додаде тој.
Турција ја започна операцијата „Маслинова гранка“ кон крајот на минатиот месец, за да ги расчисти терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ од регионот на Африн.
Операцијата е во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) т.е 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално држат под окупација 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат помеѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-те години води терористичка кампања против Турција.