Ahmet Gürhan Kartal
23 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската полиција денес соопшти дека по вчерашниот терористички напад во Лондон, во рации во земјата се уапсени седум лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според заменик-комесарот на британската полиција, Марк Роули, апсењата се извршени во Лондон, Бирмингем и на неколку други локации.
Исто така, полицијата направи измена во информацијата за бројот на жртвите, од пет на четири, вклучувајќи го и напаѓачот. Објавено е дека 29 лица повредени во нападот се сѐ уште згрижени во болница. Седуммина се во критична состојба.
Неидентификуваниот напаѓач со СУВ возило вчера попладне прегази пешаци на мостот Вестминстер, убивајќи најмалку две и повредувајќи десетици лица, а потоа го прободе со нож и го усмрти полицаецот кој беше на должност пред британскиот Парламент.
Убиениот полицаец е идентификуван како 48-годишниот Кеит Палмер.
Напаѓачот е неутрализиран од страна на полицијата.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан Марк Еро, потврди дека меѓу повредените лица се и тројца ученици од средното училиште „Сент-Џозеф де Конкарно“ во Бретан, Франција.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека бдението ќе се одржи вечерва, во близина на плоштадот Трафалгар.