Handan Kazancı
09 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
ТЕКИРДАГ (АА) - Заменик-премиерот на Турција, Реџеп Акдаг, соопшти дека најмалку 24 лица загинале во синоќешната железничка несреќа во северозападната турска област Текирдаг, јавува Anadolu Agency (AA).

Несреќата се случи кога возот излетал од шините, а Акдаг утрово го посети местото на несреќата и на новинарите им соопшти дека акцијата за спасување на патниците завршила рано утрово.
Турскиот министер за транспорт, поморство и комуникации, Ахмет Арслан, изјави дека задолжителната годишна контрола на железничката пруга на која се случи несреќата била извршена во април оваа година.
Возот со 362 патници и шест члена на екипажот патуваше на релација Едрене - Истанбул, а петте вагона излетаа од шините недалеку од местото Сарилар во подрачјето на Чорлу.
Гувернерот на Текирдаг, Мехмет Џејлан, изјави дека несреќата најверојатно е предизвикана од обилните врнежи и невремето.
Турскиот претседател Ердоган упати телеграма со сочувство до семејствата на настраданите и соопшти дека е започната истрага за деталите на несреќата.